1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Апели за воздржаност и изрази на сочувство по петкратното убиство

Горан Петрески 13 април 2012

Македонија е во шок поради ужасното злосторство. Во населбата Радишани е засилено полициското присуство. Актерите на политичката сцена бараат смиреност и ги повикуваат надлежните да го расчистат злосторството.

https://p.dw.com/p/14dqm
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во текот на првиот ден по убиството, петок (13.04), беа регистрирани неколку нарушувања на јавниот ред и мир во Скопје, при што беа оштетени автобус на ЈСП и три патнички моторни возила.

Според неофицијални информации на Дојче веле обдукцијата е завршена, но надлежните се’уште не објавија детали во интерес на истрагата. Според информации на македонските медиуми, педесетина лица биле повикани на информативен разговор во полицијата. Сите се жители од околните села и населби.

Претседателот Иванов апелира на воздржаност

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во писмена изјава повика на воздржаност, разумност и одговорност, по убиството на петте лица во близина на скопското село Смиљковци.
„Длабоко сочувствувам со семејствата на трагично загинатите лица. Најостро го осудувам овој грозоморен и злосторнички чин. Барам и очекувам надлежните институции да го расветлат овој случај. Во овие моменти на длабока тага најмалку што е потребно е каква било злоупотреба на овој трагичен настан“, стои во писмената изјава на претседателот Иванов.

Mazedonien Präsident Gorgi Ivanov
Претседателот Иванов упати апел за воздржаностФотографија: Petr Stojanovski

Опозицијата побара оставка од Јанкуловска

Политичките партии од власта и од опозицијата го осудија злосторството и побараа решавање на случајот. Либералдемократите и ПЕИ побараа оставка од министерката за внатрешни рабори Гордана Јанкуловска.

Во седиштето на владечката ДУИ во Мала Речица се одржа средба помеѓу партискиот претседател Али Ахмети и американскиот амбасадор во Македонија Пол Волерс. Во соопштението до јавноста испратено од ДУИ се наведува дека двајцата се сложиле, дека е значајно да има темелна истрага при што тие што го сториле ова злодело да се донесат пред лицето на правдата. Соговорниците исто така се сложија дека институциите на земјата треба активно да ја менаџираат ситуација и преку активна истрага да го расчистат случајот. Граѓаните и медиумите исто така треба да дадат свој придонес при што не треба да се има предрасуди за мотивите за ова злосторство, соопштуваат од ДУИ.
Преку соопштение до јавноста и Демократската партија на Албанците го осуди чинот на петкратното убиство во близина на Скопје и истовремено апелираше до сите граѓани да ја сочуваат ладнокрвноста и да не подлегнуваат на разните шпекулации и провокации. Бараме од правните органи што побрзо да го обелоденат случајот и сторителите да се изведат пред лицето на правдата, истакнуваат од ДПА.

Blockierte Autobahn nach Tod von 5 Menschen in Mazedonien
Полицијата го расветлува петкратното убиство крај СкопјеФотографија: DW/P. Stojanovski

САД и ЕУ бараат воздржаност

Во осудата на злосторството се приклучи и меѓународниот фактор. Попладнето Американската амбасада во Македонија преку соопштение изрази сочувство до семејствата на загинатите во ужасниот инцидент. „Ги повикуваме сите засегнати страни да останат мирни и да се воздржат од шпекулации или неосновани тврдења. Повикуваме на трпение додека чекаме да се откријат фактите за случајот и да започне законската постапка. Знаеме дека властите го истражуваат инцидентот и се во потрага по сторителот или сторителите на ова ужасно дело. Ги поддржуваме напорите на Министерството за внатрешни работи во продолжување на истрагата и законските процедури што е можно понавремено, како и во обидите да ја добијат поддршката на јавноста во прибирање на достапни информации за овие убиства“, се вели во соопштението од амбасадата.

Blockierte Autobahn nach Tod von 5 Menschen in Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Делегацијата на Европската унија во Скопје изрази најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите. Шефот на делегацијата амбасадорот Аиво Орав, информираат оттаму, е во постојан контакт со властите. „Запознаени сме дека Министерството за внатрешни работи спроведува детална истрагата, затоа ги повикуваме сите страни да останат мирни и воздржани и да им дадат доволно простор на властите да ги најдат и да ги изведат пред лицето на правдата
одговорните за овој ужасен чин“, велат од делегација на ЕУ.