1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Апел за борба против нетолеранција во светот

20 април 2009

Генералниот секретар Бан Ки Мун ја отвори конференцијата на ОН против расизмот во Женева. Конференцијата е засенета со откажувањето на учеството од страна на повеќе земји, меѓу нив и Германија.

https://p.dw.com/p/Hafo
Бан Ки Мун - говор на отворањето на конференцијата во ЖеневаФотографија: AP

Зрело е времето да се искоренат расизмот, како и антисемитизмот и исламофобијата, рече генералниот секретар на ОН на отворањето на конференцијата во Женева. Бан Ки Мун нагласи дека токму со оглед на светската економска криза, постои опасност од пораст на нетолеранција. Тој изрично го критикуваше решението на повеќе земји да ја бојкотираат конференцијата. „Некои земји, кои токму требаше да помогнат да се најде пат кон подобра иднина, не се овде. Освен тоа, и одредени интересни групи или повеќе политички или идеолошки струења меѓусебно си префрлуваат, а и тие требаше да бидат со нас, за заеднички да разговараме“, рече Бан на отворањето на собирот во Женева.

Германија првпат бојкотира конференција на ОН

Меѓу учесниците ги нема САД, Германија и уште шест други земји. Тие стравуваат дека петдневниот собир може да биде злоупотребен како форум за пропагандистички напади против Израел. Повеќето од државите на ЕУ учествуваат, но од Унијата најавија дека соодветно ќе реагираат на секоја неприфатлива изјава. Ова е првпат Германија да бојкотира конференција на ОН. Решението било донесено од министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер, со согласност и на канцеларот Ангела Меркел.

Светскиот еврејски конгрес и Централниот совет на Евреите во Германија го поздравија тоа решение, додека организацијата за човекови права Хјумен Рајст Воч го критикуваше со оцена дека „единствени кои имаат причина да слават, се оние, кои сакаат да ја поткопаат борбата против расизмот и заштитата на човековите права“.

Денеска владиниот портпарол Томас Штег, сепак навести оти не е исклучено Германија да се приклучи во текот на конференцијата. Високиот комесар на ОН за човекови права Нави Пилај рече дека е „шокирана и длабоко разочарана“ поради неучеството на САД.

Автор: ЗЈ/ЕМФ/ап/дпа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска