1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Апсењето на Ивановиќ предизвикува недоумици

Марина Максимовиќ / Елизабета М. Фиданоска31 јануари 2014

По апсењето на Оливер Ивановиќ, еден од лидерите на косовските Срби, Специјалното обвинителство на Косово порачува дека никој не е над законот. Аналитичарите се прашуваат зошто тоа се случува токму сега.

https://p.dw.com/p/1Azv1
Фотографија: DW/B. Slavkovic

Меѓу четворицата кандидати, по двајца од српската и албанската заедница, на повторените избори за градоначалник на северниот дел на Косовска Митровица, се наоѓа и еден од најистакнатите лидери на Србите на Косово, Оливер Ивановиќ. Ивановиќ, непосредно пред поднесувањето на кандидатурата, по налог на судот во Митровица, а на барање на меѓународниот обвинител од Специјалното обвинителство на Косово (СТК) е префрлен во истражен затвор во Приштина. Сепак, неговата кандидатура ја поднесе Граѓанската иницијатива СДП (чиј лидер е Ивановиќ), а на барање на, како што се вели во соопштението, „сите граѓани на Косовска Митровица“.

Главниот обвинител од Специјалното обвинителство на Косово, Џонатан Рател, вели дека врз основа на „многу сериозни трвдења“, уште во 2013 година е донесена одлука за покренување истрага, а по речиси цела година „истрага и градење на предметот“ обвинителот одлучил дека има доволно докази за разговор со осомничениот.

„Поради тоа, во понеделникот наутро (27.01) осомничениот доброволно се појави во станица на полицијата во Северна Митровица, според претходниот договор со меѓународниот обвинител на СТК. Со осомничениот е направен разговор во врска со наводните воени злосторства од 1999 година и повоени инциденти од 2000 година, вклучувајќи и тешко убиство. На крајот на разговорот, обвинителот ги искористи сите овластувања и издаде налог за апсење на осомничениот. Обвинителот поднесе и барање до претпретресниот судија (меѓународниот судија во Основниот суд во Митровица) за негово задржување во судски притвор. Судијата го одобри барањето, поради што осомничениот е задржан во судски притвор. Осомничениот во секој момент соработуваше целосно во текот на правната постапка“, изјави Рател.

СТК: Никој не е над законот

И додека од Специјалното обвинителство на Косово порачуваат дека владеењето на правото е систем во кој „никој, вклучувајќи ја тука и владата или политичарите, не е над законот“ и дека СТК има „добар учинок во гонење на тешките кривични дела“ и дека во сите постапки и во секој момент е применуван правичен третман, од Граѓанската иницијатива СДП велат дека кандидатурата на уапсениот е „доказ дека господин Оливер Ивановиќ е невин“, како и дека „неподнесување на кандидатурата би значело дека тој се плаши од таквите неосновани и срамни обвиненија“.

Lokalwahlen Kosovo
Изборите за градоначалник на Северна Митровица ќе бидат повторени на 23 февруариФотографија: picture-alliance/dpa

„Случајот Ивановиќ“ е тема и за европските познавачи на приликите во регионот, кои главно велат дека изненадени и дека „не знаат што да мислат за тоа“. Директорот на Балкански проект, Марко Прелец, за Дојче веле оценува дека ова апсење веќе се одразило негативно на ситуацијата на теренот и додава: „Се разбира дека треба да се остави правниот процес да тече како што ќе тече, но во најмала рака е чудно што тоа се случува токму сега, по толку години и тоа во еден од најчувствителните моменти од животот на тој дел на Косово.“

Оливер Ивановиќ е истовремено и противкандидат на Горан Ракиќ за градоначалник на Косовска Митровица. Ракиќ е претставник на граѓанска иницијатива „Српска“, која има поддршка од официјален Белград.

Во очекување на обвинение и брзо решение

Во меѓувреме, од Специјалното обвинителство на Косово се вели дека продолжува работата по предметот Ивановиќ: „Обвинението мора да се поднесе до февруари 2015 година, но во законот постои претпоставка дека лицето кое очекува судење и се наоѓа во притвор може да очекува дека неговиот случај ќе биде решен брзо“, вели Рател и додава: „Како во случајот на сите правни постапки во кое било демократско уредување, столбот го сочинуваат два принципа. Првиот е претпоставката за невиност до конечната пресуда донесена од страна на независно судство. Втора претпоставка е дека законот пружа заштита на сите и дека се применува подеднакво за сите.“

Изборите за градоначалник на Северна Митровица ќе бидат повторени на 23 февруари, поради тоа што избраниот градоначалник Крстимир Пантиќ не стапи на должност, одбивајќи да потпише свечена изјава на документот кој имаше ознаки на косовската држава. Ситуацијата во Северна Митровица дополнително се искомпликува откако кандидатот за градоначалник на Самостојната либерална партија, Димитрије Јањиќ, беше убиен, а Ивановиќ е уапсен поради сомневање дека сторил воени злосторства и тешко убиство.