1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Арапската лига бара дијалог во Сирија

17 октомври 2011

Шефовите на дипломатиите од земјите членки на Арапската лига одлучија да не ја суспендираат од членство Сирија, и покрај жестоката пресметка со продемократските сили во земјата.

https://p.dw.com/p/12t9b
Знамињата на Арапската Лига, Сирија и ЛибанФотографија: AP

Министрите за надворешни работи на Арапската лига одлучија да не ја суспендираат Сирија од членство, но ја повикаа владата во Дамаск да го запре насилството врз про-демократските демонстранти.

„Ги повикуваме и власта и опозицијата во рок од 15 дена да започнат дијалог“, изјави генералниот секретар на Арапската лига Набил Елараби.

Првиот дипломат на Катар, шеикот Хамад бин Џасем ал Тани изјави дека ќе бидат воспоставени потребните контакти со владата на Сирија и со опозициските групи за во рок од 15 дена да се свика во седиштето на Арапската лига конференција за национален дијалог во Сирија.

Treffen der Arabischen Liga in Kairo Ägypten
Министрите за надворешни работи на заедничка маса на вчерашната средба во КаироФотографија: dapd

Сирискиот амбасадор во Египет Јусуф Ахмед го нарече сомнително и чудно свикувањето на вчерашната вонредна средба на арапските министри за надворешни работи.

„Се надевам дека таа средба не е поврзана со неуспехот на антисириската политика на САД во Советот за безбедност на Обединетите нации“, изјави Ахмед.

За време на заседанието на министрите на Арапската лига во Каиро, стотици демонстранти бараа суспендирање на Сирија.

Автор: БГ/СН/афп

Редактор: Жана Ацеска