1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на самитот во Доха

31 март 2009

Наместо предвидените два, дебатата на самитот на Арапската лига во Доха (Катар), заврши во еден ден. Учесниците се откажаа од поставување ултиматум на Израел и не можеа да договорат став во врска со Иран.

https://p.dw.com/p/HNJ5
Поглед во салата за време на одржувањето на самитот на Арапската лигаФотографија: AP

Самитот на Арапската лига беше ненадејно скратен, но завршната декларација од него не содржи никави изненадувања. Собирот му даде јасна поддршка на претседателот на Судан Омар ал-Башир и во декларацијата е отфрлен налогот за негово апсење. Претходно во дебатата претседателот на Сирија Башар Ал-Асад го изрече мислењето што преовладува кај најголемиот дел од арапскиот свет: „Налогот за апсење од Меѓународниот кривичен суд против еден арапски водач, со фалсификувано обвинение, претставува чекор кон поделба на Судан, за да се добие пристап до неговите ресурси, како дел од реколонизацијата“.

„Израелското општество не е подготвено за мир“

Една од најважните теми на самитот беше претстојното стапување на должност на новата десничарска влада на Израел. Според сирискиот претседател, ни од неа не се очекува ништо. „Тоа значи дека мирот не смее да стане заложник на промените во Израел. Една нова екстремистичка влада не значи никаква промена, оти десницата во Израел е иста како и левицата или центарот. Сите тие се во натпревар за пролевање на крвта на Арапите. Тоа покажува дека израелското општество не е подготвено за мир“.

Gipfel der arabischen Liga in Doha Katar
Башар ал-Асад, претседател на Сирија - од дебатата на самитот на Арапската лигаФотографија: AP

Башар ал-Асад поопширно се задржа на мировната понуда од 2002 година: арапските земји со неа му понудија на Израел мир и нормални односи како противпотег за израелско повлекување од окупираните територии и за праведно решение за палестинските бегалци. „Кога ја поведовме таа арапска иницијатива, од самиот почеток немавме никаков вистински партнер во Израел, а нејзината цел не можеме да ја постигнеме сами. Тоа практично значи дека иницијативата е неважечка, оти не се спроведува“.

Осуда на обиди за влијанија од странство во арапскиот свет

Но, ал-Асад рече и дека арапските земји и натаму се чувствуваат обврзани на принципите на мировната понуда. Во декларацијата самитот официјално констатира: „Мировната иницијатива веќе не стои како понуда. Врзаноста на Арапите за неа зависи од прифаќањето од страна на Израел“. Со тоа самитот се откажа од ставање ултиматум на Израел.

Никаков напредок, се чини, не е направен кај темата Иран. Повеќемина говорници го осудија секој обид на странски сили за вршење влијание во арапскиот свет. Таборот на таканаречените умерени арапски држави им префрлува на Сирија и на другите дека постапуваат како ирански претставници. Но, умерените, пак, постојано се соочуваа со прекорот дека одамна се издржувани од САД.


Автор: Карстен Кинтоп / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска