1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Арапската пролет се’ уште не пристигна во Тунис

Андреас Горзевски/ Александра Трајковска17 декември 2012

Две години по почетокот на Арапската пролет во Тунис, ситуацијата во земјата и натаму не е стабилна. Стопанството никако да фати чекор, а раздорот меѓу исламистичките и нерелигиозните сили станува се’ поголем.

https://p.dw.com/p/173td
Фотографија: dapd

Стотици луѓе од крајот на ноември се повредени во судирите во Тунис. Во северно-туниската провинција Силиана синдикалците и полицијата со денови беа во судир, повеќе од 300 лица беа повредени. Приврзаниците на тунискиот синдикален сојуз УГТТ таму протестираа против лошите социјални услови и своеволието на полицијата. Во Тунис, пак, радикалните исламисти на 4. декември нападнаа собир во организација на синдикатот и претепаа многумина учесници. Ситуацијата е затегната и на други места. Две години од почетокот на Арапската пролет (17.12.2010) во Тунис, во земјата се’ уште не владее мирот.

Тогаш, повод за немирите, кои се проширија во целата земја, беше самозапалувањето на еден трговец во Сиди Бузид. Мохамед Боуазизи се запали од протест, бидејќи властите го конфискуваа штандот за продажба на зеленчук и овошје, за кој немал дозвола. Кога веста се прошири, Тунижаните во многу градови почнаа да го изразуваат своето незадоволство против самоволијето на властите, безперспективноста и корупцијата. Искрата брзо се пренесе во другите арапски држави и ја предизвика Арапската пролет. Претседателот на Тунис Зине ел Абедин Бен Али на почетокот од 2011 година побегна во егзил. Со тоа почна макотрпниот пат за нов политички поредок. На изборите во окотмври 2011 година најсилна политичка сила стана исламистичката Енада партија.

Proteste Siliana Nordtunesien
Протести во ТунисФотографија: Reuters

Општеството поделено на исламисти и секлуаристи

Општеството во Тунис оттогаш се’ повеќе се поларизира. Енада партијата и салафистичките групи се залагаат исламот да има поголема тежина во политиката. Нерелгиозните сили меѓутоа со загриженост гледаат на ваквиот развој. Нив ги репрезентираат повеќе партии, како и влијателниот синдикален сојуз УГТТ. „Станува се’ појасно дека општеството во Тунис се позиционира на едната или на другата страна“, вели Вилијам Лауренс од Меѓународната кризна група во разговор за ДВ. Во однос на актуелните немири тој подвлекува: „Ситуацијата се заострува“.

Радван Масмуди, раководител на Студискиот центар за ислам и демократија во Вашингтон и Тунис, исто така воочи дека расте јазот меѓу двата табори. „Луѓето се плашат едни од други“, вели Масмуди. Страв кој делумно е и оправдан. Исламистите со децении беа потиснувани и прогонувани. Секуларните Тунижани, пак, стравуваат дека нивната земја би можела да го преземе иранскиот или саудискиоот модел. „Мислам дека решението за тоа е да се охрабри дијалогот за да се најде консензус“, вели Масмуди.

Members of the leftist UGTT union march, one holding a portrait of Farhat Hached, during a rally to commemorate his 1955 assassination of a historic member when they were attacked by the League for Protection of the Revolution, Tuesday, Dec. 4, 2012 in Tunis. League members are considered to be close to the Ennahda Party, which dominates Tunisia’s post-revolution coalition government (Foto:Amine Landoulsi/AP/dapd)
Синдикалците на улицаФотографија: dapd

Економската криза останува главен проблем

Уште попроблематична од општествените конфликти е очигледно економската состојба. Високата невработеност и гневот поради диктатурата и непотизмот пред две години на улица извадија стотици илјади граѓани. Демонстрантите покрај слобода и достоинство бараа пред се’ работа. Младите апсолвенти без изгледи за вработување беа движечката сила на револуцијата. Нивната состојба очигледно не е подобрена. „Главна причина за револуцијата беше корупцијата и нејасно е дали таа е намалена “, вели аналитичарот од МКГ Лауренс.

За да го заживее стопанството на Тунис му е потребна помош од странство. Лауренс и Масмуди сметаат дека пред се’ Европејците треба да му помогнат на јужниот сосед преку Средоземното Море. Меѓутоа многу претпријатија одамна ја напуштија земјата. „Тие си заминаа од оправдани причини: немири, штрајкови, насилство“, ја опишува Лауренс ситуацијата. За да се привлечат странските инвеститори потребна е поволна инвестициска клима. Освен ова потребни се и структурни реформи. Не е доволно само да се вбризгуваат пари во земјата, вели експертот од МКГ.

Масмуди, пак, е уверен дека од европски интерес е да успее преминот кон стабилност и благосостојба во Тунис. „Тунис може да стане модел, кој на другите земји како Либија и Египет ќе им го покаже патот кон демократија“, вели Масмуди. Но, затоа Европа би морала посилно да и’ помогне на земјата од каде што започна Арапската пролет. „Европа би требало да му помогне на Тунис како што го стори тоа во Источна Европа по распадот на Советскиот сојуз“.