1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аргентинската „болва“ на врвот на светот

22 декември 2009

Аргентинецот Лионел Меси е прогласен за најдобар фудбалер во светот за изминатата 2009 година во избор на Светската фудбалска организација, ФИФА.

https://p.dw.com/p/LAaN
Најдобар во светот во 2009- Лионел МесиФотографија: AP

Со освоени 1.047 гласови, аргентинскиот маестро го остави далеку зад себе најголемиот конкурент и минатогодишен лауреат Кристијано Роналдо од Реал Мадрид. На третото место се пласираше уште еден играч на каталонскиот гигант, Чави Хернандез.

Тој беше најзаслужен за рекордното остварување на неговиот клуб, Барселона, кој во изминатата сезона освои 6 трофеи, или поточно ги освои натпреварувања во кои учествуваше.

Во сезоната 2008-2009 Меси одигра 51 натпревар на кои постигна 38 голови, а сезонава во 22 меча, веќе 15 пати успеа да се запише во листата на стрелците. Минатата недела, Меси ја освои и Златната топка, признание кое се доделува на најдобриот фудбалер во Европа.

За него во суперлативи говорат и неговите поддржувачи, но и лутите фудбалски ривали. Според претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, Меси е комбинација на Марадона и Кројф.

Lionel Messi Weltpokal Barcelona
Меси со пехарот од неофицијалното светско клупско првенствоФотографија: AP

„Лео е комбинација на Марадона и Кројф. Топката ја контролира како Марадона, а го менува ритамот на играта како Кројф“.

Можеби е висок само 169 сантиметри и е познат под прекарот „болва“, но Меси е најголемиот светски фудбалер во моментов. За тоа сведочи и поранешната звезда на лутиот ривал Реал од Мадрид, Арјен Робен.

„Меси е најдобар фудбалер на светот. Според мене, тој игра како да е од друга планета“.

За најдобра светска фудбалерка, четврта година по ред беше прогласена бразилката Марта. Во тимот на светот, покрај Меси, беа избрани уште и Икер Касиљас, Немања Видиќ, Патрис Евра, Џон Тери, Дани Алвеш, Чави, Иниеста, Стивен Џерард, Роналдо и Фернандо Торес.

Автор: БГ/СН/ројтерс/афп/дв

Редактор: Жана Ацеска