1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аргентинците против одгледување на кинеска соја

Габи Вебер/ Игор Смилевски 22 јануари 2013

Кинески инвеститори имаат намера да закупат големи површини обработлива земја во Аргентина, за да направат плантажи за одгледување на соја. Локалното население во Патагонија е против ваквото присвојување на земјиштето.

https://p.dw.com/p/16nun
Фотографија: Getty Images

Виедма се наоѓа на делтата на Рио Негро во јужниот Атлантик, таму каде што почнува Патагонија.

Во доцните осумдесети години на минатиот век, за Виедма известуваа медиумите од целиот свет. Во тој период аргентинската влада имала намера да го напушти Буенос Аирес и да се пресели во ова мало место со цел да го заживее запуштениот југ на земјата. Меѓутоа овој план никогаш не се реализираше. Владата на претседателот Раул Алфонсин немаше доволно средства за да може да си го дозволи скапиот проект. Виедма повторно ја напуштија луѓето кои во градот дојдоа со цел да најдат работа и да си обезбедат подобар живот.

Пред две години, откако гувернерот на областа Рио Негро, Мигел Саиз, се врати од службено патување во Кина, меѓу населението започнаа да се шират гласини дека кинески инвеститори планираат да земат под закуп 320.000 хектари обработливо земјиште за временски период од 50 години. Планот исто така вклучувал и изградба на докови на пристаништето „Сан Антонио“, со цел да се овозможи полесен транспорт на произведената соја до Кина. Локалните бизнисмени со воодушевување го дочекаа ваквиот предлог, но од друга страна населението не биеше воопшто задоволно.

Отпор во Патагонија

Групата „Суверенитет на прехранбените производи“ честопати се среќава во театарското кафуле на брегот на реката Рио Негро. Тие веќе подолго време се борат против одгледувањето жито кое подоцна се користи како суровина за производство на биогорива, зошто според нив, тоа влијае на зголемувањето на цените на храната.

Фабијана Вега ги координира протестите насочени против плановите на гувернерот Саиз. Вели дека нејзината група се почувствувале особено разочарани од начинот на кој Саиз го информирал населението: „Неговите информации беа нецелосни и во нив секогаш недостасуваа важните податоци.“

Porträt Fabiana Vega
Фабијана ВегаФотографија: DW

„Најпрво тој рече дека кинеската компанија ќе одгледува соја со цел да се справи со гладта во светот. Но тоа беше само дезинформација која требаше да ги држи активистите настрана од целиот случај.“, вели Вега. „Потоа гувернерот ја смени првичната информација и рече дека Кинезите ќе одгледуваат соја која ќе се користи за прехрана на свињи. На крајот, тој призна дека станува збор за проект наменет за производство на биогориво.“

Странска сопственост на земјата

Југот на Аргентина со години е во фокусот на светските милионери и агенти за надевижности кои се во потрага по недопрена природа. Италијанскиот бренд „Бенетон“, на пример, поседува речиси 900.000 хектари земја.

Странската сопственост на земјиштето го влошува расположението кај домашното население, бидејќи зголемениот интерес на странците пропорционално влијае на цените и фармерите не можат да си дозволат нови парцели. Со цел да ја смири ситуацијата, владата во Аргентина донесе закон со кој се ограничуваат правата на странците да купуваат земјиште, особено во регионот Рио Негро. Од декември минатата година, овој закон се спроведува на целата територија на Аргентина.

Според Габриел Пеколо, новинар од Виедма, ваквиот закон не е решение за проблемот:

„Многу богати луѓе од северот на земјата имаат дозвола за домување во овој регион и можност да поседуваат земјиште, а Кинезите на пример, не се заинтересирани за целосна сопственост врз земјиштето тие само сакаат да го закупат на подолг временски период.“

Вниманието насочено кон парите

Аргентинскиот писател Мигел Бонасо минатата година ја посетил областа Рио Негро благодарение на турнејата за промоција на неговата најнова книга насловена

Neujahrsfeiern im Barrio Chino
Локалните жители се против странските инвеститориФотографија: DW

„El Mal“ („Зло“). Тој ја обвинува владата за експлотација на природните богатства на земјата.

Во 70тите години на минатиот век, Бонасо беше член на урбаната левичарска организација „Монотонерос“. Поради ваквата негова активност бил прогонуван и на крајот заминал во егзил. Во тој период многу негови пријатели биле убиени.

Во 2003, претседателот Нестор Крихнер го назначи Бонасо за шеф на парламентарната комисија за заштита на природните богатства на земјата – функција која тој ја вршеше 8 години пред да поденсе оставка. Денес Бонасо е еден од најголемите критичари на политиката со која се менаџираат природните богатства на Аргентина. Тој вели дека законот за сопственост на земјиште има многу празнини кои дозволуваат негово заобиколување особено за големите компании како „Бенетон“.

„Странските компании во моментов поседуваат 10 проценти од вкупната територија на Аргентина. Законот за земјиште им дозволува уште дополнителни 5 проценти“, вели Бонасо.

Генетски модифицирана соја, во Аргентина, денес се одгледува на околу 22 милиони хектари обработливо земјиште. Пестициди и вештачки ѓубрива ги загадуваат подземните води и почвата. Цели области се попрскуваат со хемикали без притоа да се води грижа за селата и луѓето кои живеат во нив.

Фабијана Вега од здружението за суверенитет на храната стравува дека со ваква иднина ќе се соочат и жителите на регионот Рио Негро. Токму затоа нејзиното здружение има поднесено голем број на тужби. Парламентарната опозиција исто така успеа да го добие судскиот спор кој се водеше против овој проект. Во ноември 2011, судот пресудил дека планот не е доволно проучен и дека во практика би бил неодржлив.

Два месеци претходно, на локалните избори, гувернерот на областа Рио Негро не успеа да си обезбеди повторен мандат. Сега во таа област, но и во целата земја владеат аргентинските Перонисти.

Сепак Фабијана Вега не верува дека опасноста од кинескиот проект за производство на соја е целосно отстранета:

„Кинезите може да чекаат се додека во владата на Перонистите не се јави потреба за повеќе финансиски средства и потоа најверојатно повторно ќе ја презентираат својата понуда.“