1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ариел Шарон во кома до сабота

6 јануари 2006

Здравствената состојба на 77 годишниот израелски премиер , втор ден по тешкиот мозочен удар и натаму е критична.

https://p.dw.com/p/AcA2
Фотографија: dpa

Невролозите во болницата Хадаса ,одлучија Ариел Шарон во наредните 48 до 72 часа , по двете сложени операции на мозокот , да остане во длабока наркоза . Тој дотогаш ќе биде во вештачки одржувана кома и приклучен на респираторни апарати со цел , како што соопшти директорот на болницата Хадаса , да му биде пружена можност да се извлече од тешката траума. Шломо Мор Јозеф соопшти дека зениците на израелскиот премиер реагирале на светло што значи дека неговиот мозок е активен .

„Премиерот Шарон сеуште се наоѓа на неуролошкото одделение за интензивна нега. Сите негови животни функции се во рамките на нормалното . Господинот Шарон е под седативи , анестезија и дише преку апарати. Целта на ваквиот третман е да биде намален притисокот во неговиот мозок“

Шарон инаку беше пренесен во болницата Хадаса во средата навечер откако претрпе тежок мозочен удар, а лекарите со часови се бореа на оперативната маса да го запрат крварењето во неговиот мозок.

Инаку Шарон пред само две и пол недели доживеа помал мозочен удар и само два – три дена потоа им се врати на работните обврски. Обојпат премиерските овластувања беа префрлени на неговиот заменик Ехуд Олмерт .

Многумина во Израел веќе веруваат дека ова значи и крај на политичката кариера на Шарон , кој е историска фигура во еврејската држава и во моментов најпопуларен политичар во земјата . Домашни но и странски набљудувачи предупредредуваат на можен политички хаос во земјата , што би се одразил и на односите со Палестинците но и на целиот Блиски Исток .

Меѓутоа официјалните израелски претставници ја отфрлаат таквата можност . „Владата функционира , Израел функционира“ – тврдат Шароновите соработници меѓу нив и Даниел Ајалон , израелскиот амбасадор во САД :

„ Нема да има никаков хаос. Не очекувам такво нешто. И мислам дека прерано да се шпекулира за што било. Господинот Шарон сега е во болница и му посакувам се најдобро. Ситуацијата очигледно е сериозна , но се надевам дека тој ќе се извлече од неа. Но во секој случај Израел има силна и долготрајна демократија со силни институции и владеење на законот“ – вели Ајалон.