1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Арифи: Пресудата од Хаг поттик за дијалогот Македонија- Грција

27 декември 2011

Пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг треба да биде мотив и поттик за Македонија и Грција да работат на взаемно прифатливо решение за спорот со името, смета вицепремиерот за европски прашања Теута Арифи.

https://p.dw.com/p/13Zx5
Вицепремиерката Теута АрифиФотографија: DW

Потпретседателката на македонската влада задолжена за евроинтеграции на денешната заедничка седница на Националниот Совет за евроинтеграции и собраниската Комисија за надворешна политика, оцени дека 2011-та година била успешна во однос на нејзината дипломатска активност и реализацијата на обврските. Арифи изрази задоволство од пресудата на Судот во Хаг, но посочи дека дијалогот меѓу соседите е начинот што може да доведе до решение.
„Ние треба да бидеме задоволни од пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но во исто време треба да го имаме предвид фактот дека се работи за политичко прашање кое е чувствително, во кое се бара желба и политичка волја која би била обострана за да се надмине овој проблем. “, рече Арифи.

Migration Konferenz Den Haag 2010
Седиштето на Меѓународниот суд на правдата во ХагФотографија: DW

Власта и опозицијата со спротиставен биланс

За опозицијата, по правната победа во Хаг, Македонија неколку дена подоцна
доживеала политички пораз во Брисел, откако земјата не се најде на дневен
ред на Европскиот Совет. Покрај спорот со името, според нив, причина за
стоење во место е и застојот во реформите на домашен план.

Неосновани обвинувања – беше оценката на пратениците од власта на обвинувањата од опозицијата. Тие сметаат дека главна пречка за интеграцијата на Македонија е блокадата од Грција. Побараа активен ангажман и лобирање,
особено во контекст на пресудата на хашкиот суд, со цел следната година
земјата да добие датум за старт на пристапните преговори со унијата и
членство во алијансата.

Автор:СН/БГ/макфакс/миа

Редактор: Борис Георгиевски