1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Армстронг на чело на во галеријата на великаните на Тур д‘Франс

26 јули 2004
https://p.dw.com/p/Aemp
Армстронг на победничкиот пиедестал по шестиот триумф на Тур д‘Франс
Армстронг на победничкиот пиедестал по шестиот триумф на Тур д‘ФрансФотографија: AP

Жак Анкетил, Еди Меркс, Бернар Ино, Мигел Индураин – легенди на велосипедскиот спорт, секој од нив петкратен победник на веројатно најзначајната велосипедска трка во светот Тур д‘Франс, од вчера се во сенка на Американецот Ленс Армстронг. На 91-ото издание на велосипедската трка Тур д‘Франс тој го оствари она што не му успеа никому пред него: по шести пат стигна на целта како победник. Најдобар спринтер годинава е Австралиецот Роби Мекјуен, по втор пат по 2002-ра, а најдобар ридски возач веќе по седми пат на трката е Французинот Ришар Виранк, што е исто така единствен подвиг во нејзината 101-годишна традиција. Најдобар млад возач годинава е Русинот Владимир Карпец.

Во екипна конкуренција победи германскиот Т-Мобајл тим, секако благодарение на второто место во генералниот пласман на Андреас Кледен и четвртото на Јан Улрих. Помеѓу нив, како третопласиран, е Италијанецот Иван Басо. “Едно вакво доживување како денеска е за мене неповторливо. Да, јас сум мега-горд и многу задоволен што воопшто успеав да го остварам ова” – изјави Кледен. За Јан Улрих четвртото место значи најслаб негов пласман во седумте учества на трката на која еднаш победи. “Добро, за мене останува сон уште еднаш да победам на Тур д‘Франс. Ленс и годинава повторно беше толку суверен” – прокоментира Улрих.

Вториот голем спортски настан од викендот беше трката за Големата награда на Германија во автомобилизам формула 1. На патеката во Хокенхајм истата слика како и воопшто годинава – победа на Михаел Шумахер од тимот на Ферари 11-та во 12 досега одржани трки од годинашното првенство. Со тоа 6-кратниот светски првак го подобри својот досегашен рекорд од 2002-ра година. Тоа беше негова 81-ва победа во трки од светското првенство и трета во Хокенхајм. Меѓу рекордите на Шумахер е и 100-тата пол-позиција, односно челна стартна позиција изборена на тренингот воХокенхајм. Единствениот што можеше да му се спротивстави во првата четвртина од трката, Кими Рајконен од Мекларен Мерцедес, излета од патеката откако му се откачи задниот хоризонтален стабилизатор и со огромна брзина удри во заштитната бариера од гуми, но остана неповреден. Покрај шесткратниот светски првак Михаел Шумахер, на победничкиот подиум се искачија и Џенсон Батон од тимот БАР, и Фернандо Алонзо од Рено. Тимот на Ферари не успеа веќе вчера да ја обезбеди шампионската титула во конкуренција на конструктори, бидејќи вториот возач Рубенс Барикело веќе во првата рунда по своја вина го оштети болидот во колизија со Дејвид Култхард и не успеа да обезбеди бодови. Култхард трката ја заврши на 4-тото место. И во Хокенхајм се почувствува падот на посетеноста на трките од формула еден – годинава севкупно имаше 20 илјади гледачи помалку отколку минатата година, а дури 41 илјада помалку од рекордната 2002-ра.

Од меѓународниот спорт и наредниве информации:

Бразил е победник на Купот на Јужна Америка во фудбал. Во финалето одиграно во Лима, главен град на Перу,светските прваци ја совладаа селекцијата на Аргентина со 6 спрема 4 по изведувањето пенали. Во регуларниот тек средбата заврши нерешено 2 спрема 2. Аргентинците поведоа, Бразил изедначи на крајот од првото полувреме. Во драматичната завршница Аргентина постигна втор гол во 87-та, а светскиот првак израмни во последните моменти од средбата и потоа беше поуспешен при изведувањето пенали.

Русинката Елена Изинбаева на три недели пред олимпијадата во Атина си го врати светскиот рекорд во скок со стап, совладувајќи ја во Бирмингем висината од 4 метри и 89 сантиметри, еден повеќе од досегашниот рекорд на нејзината конкурентка и сонародничка Светлана Феофанова.

Германија со олимписки тим од 453 членови во Атина

На олимпијадата во Атина, од 13-ти до 29-ти август, Германија ќе ја претставува екипа од 453 спортисти, придружувани од 249 тренери, техничари, физиотерапеути, лекари, функционери и други лица. Во спортскиот дел 255 се мажи, 198 жени. Тие треба да ја остварат целта Германија пак да биде трета спортска нација во светот во неофицијалното вреднување, како во Барселона и Атланта, а по петтото место на претходната олимпијада во Сиднеј. “Во Атина одиме со очекување сите спортисти да дадат се‘ од себе, да бидеме успешни кога се во прашање освоените медали и се надеваме дека и натаму ќе спаѓаме меѓу водечките спортски нации на светот” – рече генералниот секретар на Германскиот национален олимписки комитет Бернард Шванк.

Во фудбалскиот Интертото куп неочекуван кикс и елиминација на Борусија, која во Дортмунд загуби од белгискиот претставник Генк со 2 спрема 1, иако го победи во првиот натпревар на негов терен со 1 спртема 0. Хамбургер пред своите навивачи го совлада швајцарскиот тим Тун со 3 спрема 1 и по нерешениот резултат во првиот дуел се квалификува за натамошните натпревари. Немаше проблеми за пласман ни за Шалке, кој во Скопје отиде со предноста од 5 спрема нула остварена минатата сабота во Гелзенкирхен. Шалке славеше и во Скопје и тоа со 2 спрема 1. По средбата тренерот Јуп Хајнкес оцени: “По убедливата победа од првиот натпревар, должност ни беше добро да го одиграме и овој. Во првото полувреме игравме сосем добро, постигнавме 2 гола – можевме уште 2, но кога ќе се земе се’ предвид , нашата игра беше суверена. Го остваривме она што го посакувавме – пласман во натамошните натпревари”.

Одбранбениот играч на Вардар Александар Васовски, кој успеа целосно да го оневозможи гостинскиот голгетер Аилтон да дојде до израз, изјави: “За разлика од првиот натпревар, во овој се прикажавме во одлична светлина. Не ќе беше нереално и да победевме бидејќи имавме многу шанси. Шалке е голема екипа и ги искористи нашите грешки. Оваа екипа на Вардар годинава одлично одигра во Европа, каде имаше 6 натпревари. Само да продолжиме така и во домашното првенство и сигурно ќе ја освоиме титулата”.