1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Архитект прави „откачени“ колачи

Надин Брехт / Елизабета Милошевска Фиданоска18 октомври 2012

Капкејкс во најразлични варијации, со солен или сладок вкус и тоа не од рацете на кондитор, туку дело на архитектот Штефан Келс. Зошто еден архитект, наместо да проектира згради, се решил да прави тортички?

https://p.dw.com/p/16I0g
Фотографија: Fotolia

Парче кари-колбас како колаче - една од многуте невообичаени мини-тортички на Штефан Келс. Идејата доаѓа од САД, Таму малите тортички се викаат капкејкс. Рецептите, за како што самиот ги нарекува тигар-тортичките, архитектот ги смислува сам:

„Отсекогаш радо печев и како архитект сакав да креирам убави работи, со љубов кон деталите. Од една пријателка слушнав дека и таа почнала да пече капкејкс за свадби. Работев долго во Лондон и таму имав видено многу капкејкс слаткарници. Ми се виде интересно и си реков: ’Добро, и сам ќе почнам со тоа.’“

Од горгонѕола-смоква, преку шпаргла-естрагон до кокос-бакнеж. Берлинскиот архитект на тортички на програмата има дури и вегански капкејкс.

„На тигар-тортичките е особено тоа што има мали, различни капкејкс, солени или слатки. Јас, на пример, не јадам слатко, но со задоволство пробувам. Кога ќе изедам голем капкејк ми е премногу, а овде ти се отвора апетит за повеќе. Тука е и сопственикот, кој е млад и шармантен“, вели еден муштерија, а друга жена додава:

„Секој ден има нова креација. Тоа ја прави целата работа интересна.“

26.09.2012 DW Deutschland Heute Cupcakes
Штефан Келс во својата работилница

Пензионерките Хелга Гајевски и Зиглинде Вајс се постојано во потрага по нови продавници.

„Овие тигар-тортички порано не ми беа познати. Затоа си реков: ’Што е ова? Задолжително мора да го пробаш’“, вели Зиглинде.

Во меѓувреме двете дами се постојани муштерии. Но не се одушевени само берлинчани, туку и туристите:

„Оваа продавница е едноставна, дава инспирација. Има нешто со што веднаш можете да се идентификувате. Мојата пријателка рече дека ова би било како за мене. Си помислив: ’Да, би можела да отворам ваква слаткарница во Рурската област.’“

Досега вистински тигар-тортички има само во Берлин. Но којзнае? Можеби Штефан Келс ќе се одлучи да отвори синџир вакви продавници.