1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Асад го предупреди Западот да не се меша во Сирија

30 октомври 2011

Сирискиот претседател Башар ал Асад ги предупреди западните сили да не интервенираат во неговата земја. Таков чекор би довел до земјотрес и целиот регион ќе гори, изјави Асад за британскиот весник „Сандеј Телеграф“.

https://p.dw.com/p/131qj
Претседателот на Сирија Башар aл АсадФотографија: dapd

Сирискиот властодржец Башар Ал Асад упати енергично предупредување до Западот да не се меша во внатрешните работи на неговата земја во полза на опозицијата. Секоја интервенција против неговиот режим би можела да создаде нов Авганистан, изјави Асад во интервју за весникот „Сандеј Телеграф“.

Асад, како што изјави, е свесен дека западните сили во секој длучај ќе го зголемат притисокот врз неговата влада поради протестите во земјата. „Сирија меѓутоа е поинаква од останатите држави во регионот, кои беа зафатени од ’арапската пролет’ и затоа какво било мешање од страна би предизвикало земјотрес“, предупреди сирискиот претседател.

Бан апелира насилството веднаш да престане

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун пак вчера, ден откако во Сирија беа убиени најмалку 36 лица побара итно запирање на воените дејствија против цивилите во земјата.

UNO General Sekretär Ban Ki-moon
Генералниот секретар на ОН Бан Ки МунФотографија: picture alliance ZUMA Press

„Насилството е неприфатливо и мора веднаш да престане“, изјави портпаролот на Бан, Мартин Незирски цитирајќи го генералниот секретар на Светската Организација.

Инаку вчера во градот Хомс кој е упориште на протести дојде до судири меѓу владините трупи и армиските дезертери кои минаа на страата на опозицијата, во кои според наводи на активистите за заштита на човековите права загинале преку 40 лица, а десетици биле повредени. 

Претседателот Башар ал Асад е на власт во Сирија од 2000-та година наваму. Во протестите против него и неговиот режим кои започнаа во средината на март годинава досега загинале најмалку 3000 лица.

Автор: СН/ АТ/ ртр/ дпа/ афп

Редактор: Александра Трајковска