1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Асад е уверен во победа

ЖА/дпа/епд/ртре1 август 2013

Од Дамаск не доаѓа мировен сигнал, туку закана со воена сила. Сирискиот претседател Асад најавува дозвола за влез на експерти на ОН во потрага по хемиско оружје. Расте загриженоста за состојбата на бегалците.

https://p.dw.com/p/19IRT
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сирискиот претседател Башар ал-Асад, по неколку важни воени победи, покажува победничка самодоверба: тој е сигурен во победата на неговата армија во кравата граѓанска војна, која во Сирија започна во март 2011 година со бунтот инициран од т.н. Арапска пролет, со која беа сменети децениските режими во арапскиот свет. Асад им порача на своите војници во обраќањето по повод Денот на сириската армија:

„Доколку не верувавме во победата, не би имале сили за отпор и не би можеле да ја продолжиме борбата по повеќе од две години агресија“. Ова е наведено во пораката што ја цитира државната новинска агенција САНА.

На своите војници по повод 68-годишнината од формирањето на сириската армија, Асад им порача и дека е „голема неговата вера и доверба во способноста на војската да ја спроведе националната мисија“, ја пофали нивната сила во борбата против „тероризмот“, како што сириската влада ги означува бунтовничките сили, за кои тврди дека од почетокот се управувани од странство, во прв ред од сунитските соседни земји коишто настојуваат да го соборат од власт, бидејќи тој како припадник на алавитското малцинство, огранок на исламскиот шиитизам, одржува добри врски со Иран, шиитската заедница во Либан и шиитскто мнозинство во Ирак.

Армијата на владата на Асад, којашто има моќни воздухопловни и копнени сили, со децении современо се вооружува со набавки од стратешкиот сириски партнер, поранешниот Советски сојуз, кого го наследи Русија, а на теренот ја има поддршката и од либанското шиитско движење Хезболах. Армијата во судирот со сунитските вооружени опозициски бунтовници, коишто имаат и воени инструктори од надвор и истовремено се помогнати од екстремните исламисти платеници од странство, во последниот месец постигна значителни напредувања на теренот.

Flüchtlinge aus Syrien in Jordanien
Сириски бегалци во ЈорданФотографија: picture-alliance/dpa

Режимот на Асад во меѓувреме даде зелено светло за влез на инспекторите на ОН за хемиско оружје. Портпарол од Њујорк соопшти за постигнување согласност за модалитетите на инспекторската мисија, која во Сирија ќе отпатува колку што е можно побрзо за да ги провери обвинувањата за користење хемиско оружје од двете страни во конфликтот. Во него, според податоците на Обединетите нации, загинале повеќе од 100 илјади луѓе, а милиони се раселени. Хуманитарните организации алармираат за речиси нерешливи проблеми поради бранот бегалци. Тие бараат од меѓународната заедница итно да ја зголеми помошта, пред се‘ за да може да се интервенира кај семејствата надвор од бегалските логори. На многу бегалци им недистига вода, а лековите се луксуз.

Според ОН, околу 1,4 милиони луѓе, што е околу 80 проценти од сите сириски бегалци, живеат во провизорни живеалишта, празни гаражи или во преполни станови со прескапа кирија. Државите кои граничат со Сирија, Јордан, Либан и Турција, се преоптоварени. „Соседите на Сирија веќе се на работ на капацитетите“, предупредуваат хуманираните организации.