1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Асад: Израел сака да ја ослаби Сирија

СН/АТ/дпа/ртр/макфакс3 февруари 2013

По воздушниот напад во близина на Дамаск, сирискиот претседател Башар ал-Асад го обвини Израел дека сака да ја дестабилизира и ослаби Сирија. Израел конечно индиректно призна дека гo извел бомбардирањето.

https://p.dw.com/p/17XMo
Фотографија: Reuters

Израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак во изјава на маргините на Минхенската конференција за безбедност индиректно потврди дека неговата земја стои зад нападот од средата врз воени цели недалеку од сириската престолнина Дамаск.

„Тоа што се случи пред некој ден..., покажува дека се придржуваме на она што ќе го кажеме, а рековме дека напредните воени системи не би смееле да бидат трансферирани во Либан“, изјави израелскиот министер на одбраната Ехуд Барак.

Американските функционери во средата потврдија дека бил нападнат конвој на противвоздушни проектили на територијата на Сирија кој се движел наводно кон позициите на либанското движење Хезболах кое е поврзано со сирискиот режим, меѓутоа Израел до оваа изјава на Барак јавно не потврди дека неговите сили стојат зад нападот.

Од избувнувањето на сириската граѓанска војна, израелските власти предупредуваат дека доколку се распадне државата, претседателот Башар ал-Асад може да ја загуби контролата над хемиското оружје и другото вооружување.

München Sicherheitskonferenz Ehud Barak
Израелскиот министер за одбрана Ехуд БаракФотографија: Reuters

Асад пак денеска го обвини Израел дека сака да ја дестабилизира и ослаби Сирија. Израелските напади врз комплексот центри за научни истражувања во Домраџа во покраината Дамаск „ја покажуваат вистинската улога која ја игра Израел во соработката со странските непријателските сили и нивните помошници на сириската територија, а целта им е да ја дестабилизираат и ослабат Сирија“, изјави сирискиот претседател Башар ал-Асад, кого го цитира државната новинска агенција САНА.

„Сирија, којашто е позната по разборитоста на својот народ, по силните воени сили и желбата да се спроведе политика на отпорот, е подготвена да се соочи со моменталните предизвици и секоја агресија чија цел е сирискиот народ и неговата историска улога“, рекол Асад во текот на неговиот состанок со високиот ирански претставник Саед Џалил.