1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

050811 USA Syrien

7 август 2011

Американската министерка за надворешни работи, Хилари Клинтон, вели дека сирискиот режим е одговорен за смртта на две илјади лица. Според неа, Башар Ал Асад ја изгубил легитимноста да владее со сирискиот народ.

https://p.dw.com/p/12Bfm
Фотографија: dapd/Syrian TV

Во моментов во Вашингтон никој не говори за воена акција против Сирија. Како прво Америка нема доволно пари за такво нешто и како второ, ја нема поддршката од народот. Освен тоа, зад Сирија стои Иран. Нападот врз Сирија би можел да има катастрофални последици. Ниту Енрду Таблер од Институтот за политика кон Блискиот Исток во Вашингтон не може да си претстави американски војници во Сирија. „Пред се`, затоа што во Либија потешко напредуваме, отколку што сметавме“, вели Таблер. Тој додава дека воената интервенција не е сосема исклучена, но барем во блиска иднина не се размислува за тоа.

Затоа американската политика кон Сирија се состои од две други стратегии: изолација и санкции. Како изолација може да се смета тоа што Советот за безбедност на ОН го осуди режимот на Асад и американскиот претседател Барак Обама го нарече „неспособен.“ Кон мерките за изолација спаѓа и тоа што американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон неделава првпат се сретна со претставници на сириската опозиција. Исто така, 66 американски сенатори писмено побараа построги санкции против Сирија. Санкции против земјата постојат веќе седум години, но тие се толку слаби, што воопшто не го заболеа Асад. На пример забрана за авионски сообраќај меѓу САД и Сирија, како и забрана за извоз на американско оружје кон Дамаск. Сега Вашингтон размислува за нови санкции, кои повеќе ќе го заболат Асад. На пример, замрзнување на банкарски сметки, како и забрана за увоз на нафта и гас од Сирија, најважниот извор на средства за земјата. Америка сепак не може сама да ги спроведе таквите мерки. Потребни и` се европските партнери, налгасува Таблер, експерт за Блиски Исток. „Многу земји во Европа, како Италија, Холандија, Германија и Англија, користат 96 проценти од сирискиот извоз на нафта“, нагласува Таблер.

NO FLASH Syrien: Assad opfert seinen Cousin
Сирискиот народ продолжува со демонстрациите против режимот, и покрај бруталноста на силите на АсадФотографија: picture alliance / dpa

На САД им требаат европски сојузници

Во моментов има многу преговори, разговори и закани. Единствено што нема е јасно барање до Асад да се повлече од функцијата. Прашањето е што ќе случи, доколку Асад не потклекне под слабиот притисок од Западот и продолжи со убивањето цивили. Постојат ли мерки, што ќе бидат доволно силни да го поразат сирискиот режим, без притоа воено да се интервенира? Весникот „УСА тудеј“ на таа тема пишува: „При сета воодушевеност од арапската пролет, важно е да се напомене дека ќе помине доста време додека паднат сите тирани. Ќе дојде време и за Асад.“

Односите меѓу САД и Сирија се поделени. Во првата Заливска војна, Сирија беше сојузник на Вашингтон. По нападите од 11. септември, земјата стана дел од „оската на злото.“ Вашингтон се надеваше дека младиот сириски претседател нема да биде како неговиот татко. Башар Ал Асад, роден на 11. септември 1965 година, важеше за интернационален човек, отворен за опозицијата. Американците очигледно се излажаа.

Автор: Сабрина Фриц/Трајче Тосев

Редактор: Горан Чутаноски