1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Асад продолжува по свое

19 август 2011

Независно од ветувањата на сирискиот претседател Башар ал-Асад, сириските безбедносни сили, според наводи на опозицијата, продолжуваат со акции. Русија ги отфрли барањата на САД и повеќе европски земји за оставка на Асад

https://p.dw.com/p/12KEz
Башар ал-Асад ќе се бори до крај, проценуваат набљудувачитеФотографија: dapd/Syrian TV

Активист на опозицијата за агенцијата Ројтерс изјави дека во градот Инкил, во јужната провинција Дераа, по петочната молитва биле убиени најмалку шест лица, а има и голем број повредени. За пукање врз демонстранти со боева миниција се јавува и од други делови на земјата. Шефот на државата Асад, наспроти тоа, јавно дава уверувања дека акциите на армијата и полицијата против населението се запрени. Во меѓувреме, Русија ги отфрли барањата на САД и повеќе европски земји за оставка на Асад. Владата во Сирија сега треба да добие време за спроведување на реформите што ги најави, се вели од руското министерство за надворешни работи.

Не треба да се очекува брз успех

Вашингтон и ЕУ со остри зборови побараа оставка од сирискиот претседател Башар ел Асад. Според мислењето на многумина набљудувачи, конфликтот во Сирија со тоа добива нова димезија. Имено, земји како Саудиска Арабија и Египет веќе го осудија режимот во Сирија.

„Зад најавите на САД и ЕУ се крие идејата да се обединат западните и регионалните сили во коалиција против режимот во Дамаск“, вели Фауез Гергес професор за политиката кон Блискиот Исток во Лондон, за телевизијата Ал Џезеира. Против Асад треба да бидат отворени сите невоени фронтови. Сепак, според експертите, не треба да се очекуваат брзи успеси.

Од почетокот на протестите убиени се најмалку 2000 луѓе
Од почетокот на протестите убиени се најмалку 2000 луѓеФотографија: picture alliance/dpa

Американскиот претседател Барак Обама претходно објави дека веднаш стапува во сила целосна забрана за увоз на сириска нафта и нафтени производи. Имотот на сириската влада во САД ќе биде замрзнат. Американските државјани веќе не смеат да тргуваат со режимот, или да инвестираат во Сирија.

Развојот на настаните со особено внимание го следат Сиријците во егзил. Лубна Монир е во Јордан:

„Сирискиот народ крвари веќе пет месеци“, вели Монир. „Но, меѓународната заедница дури сега го воочи тоа. При бунтот против египетскиот претседател Мубарак, доволни беа две недели за светот да изврши притисок. Покрај се’ ги поздравуваме овие мерки и очекуваме повеќе од тоа.“

На обвинувањата со обвинувања

Канцеларијата за човекови права на ОН соопшти дека постои можност при систематските напади против цивилите во Сирија да се работи и за злосторства против човештвото. Би било оправдано, доколку меѓународниот кривичен суд ја испита состојбата. Од почетокот на протестите убиени се најмалку 2000 луѓе, повеќето при воздушните напади на војската, или од истрели на снајперисти.

Syrien Opposition Protest Demonstration Griechenland Athen
Фотографија: dapd

Режимот во Дамаск на жестоката реторика од Вашингтон и ЕУ одговори со обвинувања против Западот. Необично е, вели Рим Хадад од министерството за информации, што Обама и Западот се обидуваат натаму да го поттикнуваат насилството во Сирија, наместо да помогнат во спроведувањето реформи. Претседателот Асад неодамна најави реформи, кои опозицијата ги оцени како празни ветувања.

Но, и меѓународниот притисок нема да донесе брзи успеси, оценува Фауез Гергес од Лондонската школа за економија и политички науки.

„Асад се бори да преживее. Она што најверојатно ќе доживееме е, за жал, ескалација. Режимот ќе се бори до крај. Тој е длабоко вкоренет во Сирија, има моќна база и поседува смртоносна воена машинерија.“

Автор: Јирген Стријак/дв/А.Трајковска

Редактор: Е.М.Фиданоска