1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атентат во Кундус: загинаа тројца германски војници

19 мај 2007

Три војници на Бундесверот загинаа, а уште двајца се повредени во бомбашкиот напад што се случи денеска на пазар во градот Кундус, на северот од Авганистан.

https://p.dw.com/p/Ans0
Моторизирана патрола на Бундесверот
Моторизирана патрола на БундесверотФотографија: Bundeswehr

Германските војници се присутни во Кундус во својство на контингент што ја обезбедува обновата на регионот. Кристоф Хајнцле испрати извештај за атентатот што го изврши напаѓач самоубиец.

Пешадиската патрола на Бундесверот се наоѓаше на еден од пазарите во Кундус. Кусо по 10 часот по локално време на преполниот пазар одекна силна експлозија. Покрај тројцата војници на Бундесверот животот го загубија уште најмалку шест цивили, а повеќе од десетина се делумно тешко повредени. Шефот на штабот на ИСАФ силите, германскиот генерал Бруно Касдорф по атентатот изјави:

“Многу ме загрижува она што се случува таму горе. Од овој напад станува јасно дека вакви атентати може да се случуваат на секаде, иако морам веднаш да нагласам дека мотивите за таков напад можат да бидат различни.“

Гувернерот на Кундус Мохамад Омар изјави дека веќе неколку дена имал информации оти во регионот се наоѓаат атентатори самоубијци. Тој ја обвини терористичката организација Ал Каеда и нејзините “авганистански слуги“ дека се одговорни за нападот. Во меѓувреме Талибанците и ја потврдија таквата претпоставка.

Ако е тоа и така во оваа ситуација, генералот Касдорф нагласува дека покрај терористите на Ал Каеда и востаниците од редовите на талибанците, има и други организатори на атентати. Тие можат на пример да потекнуваат од разни криминални групи или пак да бидат трговци со дрога. Тука спаѓаат и локалните моќници на кои силите на ИСАФ не ретко им се трн в око.

Мисијата во Кундус почна пред три и пол години и беше прва надвор од главниот град Кабул. И овде како и при претходно започнатите две мисии во Фаисабад и Мазар-и-Шариф, германските војници многу полагаат на односите со локалното население. Генералот Касдорф повика поради атентатот да не се преиспитува или дури прекинува сегашната мисија на Бундесверот во Авганистан. Таа според него треба да остане отворена по карактер:

“Во создавањето доверба кај населението се покажа како многу успешен досегашниот пристап со излегување и создавање контакти со луѓето.“

Овој атентат е најтежок за Бундесверот во последниве четири години. Пред него бројот германски жртви во мисијата во Авганистан изнесуваше вкупно 18 војници.