1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атентат за добредојде на Беназир Буто

19 октомври 2007

133 лица загинаа во веројатен самоубиствен бомбашки напад врз поранешниот пакистански премиер Беназир Буто. Нападот беше извршен непосредно по нејзиното враќање во Карачи, по осум години минати во егзил. Таа е добро.

https://p.dw.com/p/BsSf
Беназир БутоФотографија: AP

"Ѓоспоѓа Буто е безбедна и таа е префрлена во нејзината резиденција" изјави утрово шефот на полицијата во Карачи, по еден од најголемите бомбашки напади во историјата на Пакистан. Буто била веднаш извлечена од возилото со кое била превезувана од аеродромот низ улиците кои биле преполни со нејзини симпатизери.

Бројката загинати, 133, ја потврди полицијата. Ранети са најмалку 290 лица. Меѓу жртвите има и новинари и голем број цивили. Првичните информации од истрагата велат дека веројатно станува збор за самоубиствен напад, за кој засега никој не ја презел одговорноста. Пред неколку денови милитанти поврзани со Ал Каеда се заканија дека ќе ја ликвидираат Буто.

Дали нападот ќе влијае врз кандидатурата на Буто

Инаку 54 годишната Буто се врати во својата земја за да ја предводи својата Народна партија на претстојните парламентарни избори. Касим Зиа, претседател на партијата во телефонско интервју веднаш во нападот зборуваше за тоа што значат овие напади за кандидатурата на Буто:

“За тоа ќе одлучи партијата. Но претпоставуваме дека таа ќе учествува на кампањата за претстојните избори во која дефинитивно ќе и биде потребно поголемо обезбедување. Партијата тоа добро треба да го разгледа“ изјави Зиа и додаде

" Мислам дека сега кога ова се случи, безбедноста мора веднаш да биде засилена, обезбедувањето на рутите по кои таа ќе се движи. За се ќе одлучува партискиот комитет“

Инаку во обезбедувањето на конвојот возила учествувале 20.000 лица. Локалниот гувернер изјави дека поради реалните закани побарале од протоколот да ја забрза церемонијата.

Пакистанскиот претседател Первез Мушараф го оцени нападот како завера против демократијата. Портпаролот на американскиот Стејт Департмент, Том Кејзи осудувајќи го нападот нагласи дека не постои политичка цел која може да оправда убиство на невини луѓе. ЕУ ги повика пакистанските власти да ги пронајдат сторителите.