1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атина: Одговорот на предлог-меморандумот внимателно ќе биде проучен

ЕМФ/макфакс/миа6 ноември 2012

Грчката влада ќе го проучи одговорот од Македонија на предлогот за потпишување Меморандум за разбирање меѓу двете земји, испратен на 3 октомври, соопшти грчкото Министерство за надворешни работи.

https://p.dw.com/p/16dO8
Фотографија: AP/DW Fotomontage

Македонскиот амбасадор во Грција Сашко Стефков, вчера, на средба со грчкиот заменик министер за надворешни работи Димитрис Куркулас, го врачи писмото од македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски, упатено до шефот на грчката дипломатија Димитрис Аврамопулос. Во него Попоски оценува дека предлагањето Меморандумот е одговор на иницијативите од македонска страна за интензивирање на соработката меѓу двете земји, а се посочува и на писмото од македонскиот премиер Никола Груевски до неговиот грчки колега Антонис Самарас. Македонскиот министер во одговорот посочува на Времената спогодба, но и на хашката пресуда, како основа на која треба да се темелат односите меѓу двете земји.

„Секако треба да се нагласи дека предложениот нацрт Меморандум за разбирање во голема мерка ги реафирмира некои од основните начела на Времената спогодба од 1995. година, чии што заложби се сe‘ уште исклучително значајни и секако не се исцрпени. Тие вклучуваат неповредливост на границите, почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет, воздржување од закана за употреба или од употреба на сила, немешање во внатрешните работи на другата страна, унапредување на добрососедските односи, како и соработката во многу значајни области“, му пишува Попоски на Аврамопулос.

„Верувам дека во ваков дух можеме да дојдеме до решение за разликите околу името, како што е наведено од страна на Советот за безбедност на Обединетите нации бр. 817(1993). Оваа Резолуција, како и Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации 845 (1993) и Времената спогодба од 1995. година, ја поставија рамката за овој процес. Оцената и последователната одлука на највисокиот правен орган на Обединетите нации, Меѓународниот суд на правдата во Хаг, за ова прашање јасно претставува наша заедничка придобивка. Всушност, оваа пресуда на непристрасен начин се осврнува на неколку аспекти на прашањата кои се покренати во предложениот Меморандум за разбирање“, пишува шефот на македонската дипломатија.

Попоски изразува надеж дека Грција ќе се согласи со оценката на Европската комисија, според која, стартот на пристапните преговори со Европската унија ќе придонесе за поповолни услови за надминување на спорот за името. „Наша цврста заложба е надминување на разликата околу името. Ова ќе биде придобивка за двете земји и за регионот во целина“, се вели во писмото на Попоски, кој на крајот упатува и покана до Аврамопулос да го посети Скопје во најскоро време, а ја повторува и поканата упатена од Груевски до Самарас за средба на кое било место и во  кое и да е време.