1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атина ја отфрла протестната нота на Скопје

Горан Петрески15 октомври 2008

Македонскиот државен врв утре (16.10.2008) ќе одржи консултации во врска со последниот предлог на медијаторот на ОН во спорот со името, Метју Нимиц. Тензиите на релација Скопје-Атина се зголемуваат.

https://p.dw.com/p/FZY2
Македонскиот претседател Бранко Црвенковски проба да објасни што е фер решение за спорот со иметоФотографија: Petr Stojanovski

Средбата е замислена како обид да се доближат спротивставените позиции на претседателот, Бранко Црвенковски и на премиерот, Никола Груевски по ова прашање.

За името, шефот на државата, Бранко Црвенковски, синоќа на трибина за македонските предизвици, организирана во Штип, рече:

„Доколку е можно да се најде фер решение, кое што нема да го загрози нашиот национален идентитет, тогаш е добро да го решиме тоа прашање и да го деблокираме процесот на наше интегрирање во НАТО и ЕУ. Честопати ме прашуваат – има ли такво фер решение? На пример, за да ме сфатите подиректно, сметам дека предлогот кој што беше даден пред Букурешт беше такво решение.“

Забелешки или отфрлање?

Државно-владиниот врв треба да реши дали ќе достави забелешки до Нимиц за неговите идеи, или целосно ќе го отфрли предлогот. За спорот со Грција ќе расправа и македонскиот парламент, идната недела, кога на дневен ред е резолуцијата поднесена од НСДП. Партијата на Тито Петковски предлага во најкус можен рок да се утврди државна стратегија за ова прашање, која ќе ги обврзува сите носители на власта на заеднички настап пред Грција и пред меѓународната заедница.

Тензии на релација Скопје-Атина

Предлозите и обидите за изградба на државна стратегија за проблемот со името, се случуваат во време на дополнително затегање на односите со Грција. Скопје и‘ упати протестна нота на Атина поради вчерашното приведување на новинарски екипи од Македонија во леринско. Грчката амбасадорка, Александра Пападопулу беше повикана во мниистерството за надворешни работи, но таа ја отфрли нотата како неоснована: „Што се однесува до демаршот, тој е без основа, ја искривува вистината и затоа е целосно неприфатлив“, изјави грчката амбасадорка.

Истовремено, Атина ја обвини македонската влада дека се меша во внатрешните работи на Грција поради соопштението во кое се изгразува загриженост поради интервенцијата на грчката полиција врз македонското малцинство во Северна Грција.

Македонскиот премиер, Никола Груевски, оцени дека „грчките власти продолжуваат да се однесуваат прилично несоодвтено за држава во 21. век и држава членка на ЕУ и НАТО.“