1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атлетиката и натаму е „кралица“

5 септември 2011

Даегу го издржа и го одржа темпото наметнато во олимпискиот Пекинг и особено во Берлин пред две години! Потенцијалот на најграндиозниот спорт и натаму е огромен. Перспективите, исто така.

https://p.dw.com/p/12T2V
Фотографија: IAAF 2009 TM

Од Далечниот исток во деновите штотуку изминати, изискрија нови зраци, кои допрва ќе блескаат на атлетското небо. Џејмс од Гренада, Џеилан од Етиопија, Тејлор од САД, Војчеховски од Полска, Германецот Шторл пред две недели беа надежи, денеска се светски шампиони.

Австралијката Сали Пирсон, Американките Демус и Џетер, Русинките Абакумова и Савинова имаа брилијантни настапи. Само мали нијанси, стотинки или сантиметриги им недостигаа своето дело да го украсат и со светски рекорди.

Sport Leichtathletik Weltmeisterschaften Daegu Südkorea Robert Harting
Роберт Хартинг одбраната на златото во фрлање диск во Даегу ја прослави на сличен начин како на претходното СП во БерлинФотографија: dapd

Беа Кенијците, сега Кенијките се големиот феномен на атлетиката од оваа африканска земја. Во трките на долги патеки на 5, на 10 километри и во маратонот освоија дури 8 медали. Остварување недостижно за генерации и генерации! Вивијан Чериот е примадоната со двојната круна на 5 и 10 километри.

Поднаслов: Ѕвездата на Болт блеска со ист сјај

А, Болт е приказната за себе. Неговата широка насмевка ги украси завршните слики од големиот спортски настан.Насмевка,триумфална по единствениот светски рекорд во Даегу во штафетата 4х 100 метри, чиј инспиратор беше токму неговата фуриозност. Болт по кикс-дисквалификацијата на „стотка“, брзо стана оној стариот со „луњата“ што ја предизвика на 200 метри. Тој веројатно е единствениот спортист, кој со едно движење на раката предизвикува хистерија кај младите и симпатии кај возрасните приврзаници на атлетиката.

Usain Bolt Leichtatlethik-WM 2011 Daegu Südkorea
Атлетска супеѕзвезда: Усеин БолтФотографија: dapd

Поднаслов: Германија , фрлачка велесила

Не е некоја вест дека САД се најуспешниот тим според бројот на освоените медали, дека Русија е моќна, дека Јамајка има одлични тркачки состави...Вест се златните медали , кои патуваат во Гренада и во Боцвана! Поучно за закочената македонска атлетика , дека и малите средини можат да создадат светски шампиони!

Германија низ призма на Даегу е главна велесила во фрлачките дисциплини! Од 7-те медали 5 се во фрлање диск, ѓуле, копје и  кладиво. Хартвиг, Шторл и Де Зордо се лауреатите. Реномето на германската атлетика е зачувано.Само недостигаат асови во трчањето,како што во поблиското минато беа Крабе, Бауман, Шуман и задоволството кое тие го предизвикуваа со своите настапи.

Flash-Galerie Leichtathletik WM Daegu 2011 Staffel Jamaika
Болт, Блејк, Картер и Фрејтер- спринтерите од Јамајка го постигнаа единствениот светски рекорд во Даегу во штафетата на 100 метриФотографија: dapd

Даегу 2011-та беше 13-та станица од 28 годишната мондијалска историја. Го задржа високото реноме што го ужива атлетиката.Актерите од 202-те земји учеснички се погрижија за основното, за високите резултатски дострели!

Автор: Златко Калински, Даегу

Редактор: Симе Недевски

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема