1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атлетските великани Џексон и Сабо во Скопје

Златко Калински14 април 2013

До пред една деценија беа дел од кремот на светската атлетика. Деновиве, во различни својства, Британецот Колин Џексон и Романката Габриела Сабо учествуваа на Конгресот на Европската атлетска асоцијација во Скопје.

https://p.dw.com/p/18Faj
Фотографија: Fotolia/OrpheusXL

Резултатскиот опус, кој зад себе го остави Колин Џексон во трките на 110 метри со пречки, е исклучителен. Двоен светски шампион, носител на олимписки медал, четирикратен европски првак, светски рекордер. Зборувајќи за своите резултатски дострели, за Дојче веле, вели:

„Имав успешна кариера која траеше долго. Имав исклучителни моменти, како што беше на пример трката на Светското првенство во Штутгарт во 1993 година, кога го освоив златниот медал соборувајќи го светскиот рекорд. Имаше и моменти кои ме оневозможија да ги остварам сите мои резултатски амбиции. Не станав олимписки шампион, бидејќи повредите ме следеа токму во годините на одржување на Игрите. Сепак, јас сум среќен што кариерата ја завршив како светски рекордер и со резултати со кои се гордеам.“

Габриела Сабо имаше импресивни дострели во 1990-тите во трките на 1500, 3000 и на 5 илјади метри. Олимписки и светски титули, импресивни трки. Од бројните настапи во кариерата, започната во раните атлетски години, ја издвојува Олимпијадата во Сиднеј во 2000-та:

„Можеби, тоа беше мојот врв. Победив на 5000 метри во исклучително интересна и драматична трка. Бев трета на 1500 метри на истата Олимпијада. Тоа беа денови, кога го заокружив мојот резултатски опус со титулата, која ја посакува секој спортист.“

Colin Jackson
Фотографија: DW/Z.Kalinski

Што беше тоа, што го носеа во себе, за да стигнат до светските спортски височини? Колин Џексон издвојува повеќе компоненти кои го носеа во победничките води:

„За да се биде врвен спортист е потребно многу. Треба да се биде посветен на работата, секогаш подготвен, да имаш силна желба и да бидеш упорен во тоа што го работиш. Има многу спортисти со сиве овие компоненти, но не станале шампиони, бидејќи во дадениот момент не успевале да победат, да го совладаат притисокот кој е постојано присутен.“

Рекордите се една од неодминливите компоненти во атлетиката. Моменти, кои постојано ја надградуваат и носат нов сјај. Може ли да се зборува за некакви лимити? Габриела Сабо смета дека е тешко да се предвидат некакви граници:

„Кој знае каде е лимитот? Рекордите постојат за да бидат надминувани. Човечкото тело постојано се надградува и не би можеле да кажеме каде е крајот. Спортот денеска во голема мера е и наука, односно се работи за наука во една наука. Опремата, којашто се користи во спортот, придружните материјали, сето тоа постојано се подобрува, а со тоа и резултатите.“

Gabriela Szabo
Фотографија: DW/Z.Kalinski

На оваа тема Џексон вели:

„Пред 20 години, никој не можеше да очекува дека ќе се појави спринтер со градба каква што има денес Јусеин Болт. Исто така, не знаеме какви спортисти ќе се појават по 20 години и со каква телесна градба. Сведоци сме дека има многумина во кошарката со се‘ подобри скокачки предиспозиции, но тие не се во атлетиката, туку во кошарката! Затоа, тешко е да се зборува за човечките можности и за резултатските граници.“

Спортот е социјализација

Како изгледаат перспективите на светската атлетика? Колку е привлечна за младите луѓе? Колин Џексон со своите телевизиски проекти работи многу на афирмирање на спортот. Смета дека е ова една од суштинските теми:

„Да не се залажуваме дека немаме проблем со анимирањето на младите и на ова да гледаме низ розови очила. Собирањето на младите не е само проблем во атлетиката, тој проблем го имаат и другите спортови. Комуницирам и со ФИФА и со УЕФА и знам дека и во фудбалот е проблем да се откриваат талентите. Сметам дека е наша задача да ги натераме децата да спортуваат. Не е важно дали ќе влезат во атлетиката, кошарката, крикетот или фудбалот... Атлетиката сепак, е основата на секој спорт. Трчањето, скокањето, прецизноста се дел од речиси сите спортови, но атлетиката е срцето на сите спортови и ние ја имаме првата шанса да ги привлечеме и откриеме талентите. Најважно е да ги убедиме дека е добро да спортуваат, ако успееме во тоа е одлично, ако не... тоа е животот.“

Габриела Сабо се надоврзува:

„Спортот е модерното образование, спортот е социјализација. Но, децата се‘ повеќе комуницираат со интернетот, со светлината на компјутерот лице в лице! И во спортот противниците се еден наспроти друг, лице в лице! Затоа сакам да испратам порака до родителите: во спортот телото е во движење и затоа е многу важно да ги натераме децата многу повеќе преку него да комуницираат. Важно е да имаат и свои херои во спортот, како што имаат од областа на музиката, уметноста, филмот“, заклучува Габриела Сабо.