1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Африканските земји по примерот на ЕУ

АТ/ афп/ртр1 декември 2013

Пет источноафрикански држави имаат намера да формираат монетарна унија по примерот на Европа. Целта е да се зајакне стопанството и истото да стане поатрактивно за странските инвеститори.

https://p.dw.com/p/1ARIR
Фотографија: AP

На самитот во главниот град на Уганда, Кампала шефовите на држави или влади на Бурунди, Кенија, Руанда, Танзанија и Уганда потпишаа рамковен договор за проектот, кој треба да доведе до воведување заедничка валута.

Долгорочно намерата не би требало да се ограничува само на монетарна унија, туку да се прошири на слободна размена на работна сила, стока, услуги и капитал меѓу петте држави со вкупно 135 милиони жители. Од 2014 година веќе треба да има царинска унија.

Претседателот на Кенија Ухуру Канијата при потпишувањето на протоколот истакна дека тоа било „логично поврзување на сите наши напори за интеграција“. Со оваа намера освен што ќе отпаднат трошоците за промена на валутите, ќе значи и повеќе слобода за претпријатијата при тргувањето и инвестициите.

Но, додека се остварат сите овие цели има уште долг пат. Петте земји проценуваат дека ќе биде потребна една деценија, пред да се остварат условите за склучување на една таква унија. Дотогаш земјите мора да исполнат одредени критериуми и цели за инфлацијата. Монетарната унија, слично како и кај еврото, би требало да биде управувана од заедничка Централна банка.