1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Африка се најде во фокусот на првиот ден од самитот на Г8

Хенрик Беме7 јули 2008

На првиот ден на самитот беа поканети лидерите на седум африкански земји, како и претседавачот на Африканската Унија, генералниот секретар на ОН и шефот на Светската банка.

https://p.dw.com/p/EXke
Канцеларката Меркел предупреди од опасности по безбедноста во светот поради кризата со прехрамбените производиФотографија: picture-alliance/ dpa

Пред почетокот на средбата меѓу учесниците на самитот владееше опуштена атмосфера. Некои дури разменуваа и впечатоци од неодамна завршеното Европско првенство во фудбал. Но, веднаш по почетокот на самитот, за шеги и неврзани разговори немаше повеќе место. Темите што се наоѓаа на дневниот ред на првиот ден од средбата на врвот беа премногу сериозни. Стануваше имено збор за финансиската помош за Африка, како и опасноста од глад поради растечките цени на прехрамбените производи. Загрозена е безбедноста и демократскиот развој во повеќе земји во светот, предупреди германската канцеларка Ангела Меркел во писмо до колегите по функција упатено пред самитот. За да се пресретнат опасностите неопходна е финансиска помош и тоа под итно. По првата рудна разговори Меркел оцени:


„Има цела низа ветувања. Денеска слушнавме дека Европската комисија ќе стави на располагање една милијарда евра итна помош. Германија годинава ќе издвои 600 милиони евра за сеопфатна поддршка на земјоделството во загрозените земји. Можеме да сметаме со тоа дека развојната соработка на полето на земјоделството ќе добие повторно поголема важност.“


Погрешни одлуки од минатото


Токму тој аспект беше запоставен изминатите неколку години. Структурните проблеми кои придонесуваат за влошување на кризата се должат на погрешни одлуки од скорешното минато.


„Кога ќе помислиме на тоа дека во рамките на доделувањето на кредити од Меѓународниот Монетарен Фонд и Светската банка Гана на пример била принудена да го отвори внатрешниот пазар за странски ориз, тогаш гледаме колкава грешка а тоа. На селаните не им се продавало повеќе ѓубриво по субвенционирана цена, тие немале можност за изградба на поволна инфраструктура... човек да се фати за глава! Тие стурктурни услови мораме да ги смениме ако сакаме на среден рок да имаме шанса да ја надминеме кризата со прехрамбените производи“ – оценува Јерн Калински од невладината организација „Оксфам“.


Без тоа нема да може да се остварат ни милениумските цели на ОН, кои пропишуваат намалување на светската сиромаштија и гладот на половина до 2015-та. Тоа го нагласија и лидерите на седумте африкански земји кои беа поканети во Тојако. Тие побараа и од колегите од Групата Г8 да се придржуваат до ветената финансиска помош.






Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема