Ахмадинеџад во посета на пријателите во Латинска Америка
8 јануари 2012Махмуд Ахмадинеџад пред денешното (08.01.2012) заминување на латиноамериканската турнеја изјави дека односите на Иран со земјите од регионот се многу добри и оти натамошно се развиваат.
„Културата на народите од тој регион и нивните историски барања наликуваат на барањата на иранскиот народ“, истакна Ахмадинеџад пред заминувањето на првата станица од турнејата - Венецуела.
САД: Ахмадинеџад очајнички бара сојузници
Тој додаде дека земјите од Латинска Америка што ќе ги посети имаат антиколонијалистички став и затоа се спротивставуваат на „режимот на репресија“, мислејќи притоа на САД.
Ахмадинеџад нагласи дека Латинска Америка била област која „режимот на репресија“ ја сметал за свој заден двор и мислел дека таму може да прави се’, меѓутоа денес народите од тој регион се разбудени и дејствуваат независно.
Официјален Вашингтон во петокот (06.01) ги повика земјите од Латинска Америка да не ги јакнат врските со иранскиот претседател во момент кога се зголемува притисокот врз Техеран да се откаже од неговата спорна атомска програма.
„Иранскиот режим чувствува се’ поголем притисок од меѓународната заедница и очајнички бара сојузници“, изјави портпаролката на американскиот Стејт департмент Викторија Нуленд.
Автор:СН/ЕМФ/ртр/бета
Редактор: Е. М. Фиданоска