1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ахмадинеџад повторно предизвика скандал

24 септември 2009

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад пак предизвика скандал - на генералната дебата на Генералното собрание на ОН го нападна Израел за водење нечовечка политика кон Палестинците. Повеќе делегации ја напуштија салата.

https://p.dw.com/p/JnjL
Махмуд АхмадинеџадФотографија: AP

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад не го спомена Израел по име и во својот говор зборуваше само за „ционистички режим“. Според Ахмадинеџад, Палестинците се жртви на геноцид. Иранскиот претседател ги обвини Евреите дека сакаат да создадат некаква „форма на ропство“ и нагласи дека притоа ќе се обидат за остварување на нивните цели да ги впрегнат САД и ЕУ. Во однос на САД, Ахмадинеџад ги критикуваше „оние кои се на илјадници километри далеку од Блискиот Исток и кои испраќаат свои трупи во регионот за да шират војна, крвопролевање и терор.“

UN-Vollversammlung in New York
Фотографија: UN Photo/Paulo Filgueiras

Протести поради изјавите на Ахмадинеџад

Ваквите изјави на иранскиот претседател предизвикаа огромно негодување во салата. „Жално е што господин Ахмадинеџад повторно избра реторика полна со омраза, со навреди и реторика која е антисемитистичка“, изјави портпаролот на американското претставништво во ОН, Марк Корнблау. Од европска страна, освен делегацијата на Германија, салата ја напуштиле и делегациите на Велика Беританија, Франција, Италија, Данска и Унгарија. Се повлекле и делегациите на Аргентина, Костарика, Австралија и Нов Зеланд. Израелската делегација уште од почетокот го бојкотираше говорот на Ахмадинеџад.

Се чека одговор од Иран

Инаку, во судирот околу атомската програма на Иран, западот до наредната недела од Техеран бара опширни информации. Петте земји со право на вето во Советот за безбедност и Германија очекуваат сериозни одговори од Техеран на разговорите на први октомври во Женева, изјави британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Милибанд во Њујорк, во име на шестпартитната група.

Американската влада неодамна се закани со натамошни санкции доколку Иран не соработува. Досега од руска страна на ова се гледаше со скепса, но по средбата со американскиот претседател Обама, рускиот претседател Медведев изненадувачки веќе не ја исклучуваше можноста за санкции: „Санкциите водат до продуктивен резултат само во многу ретки случаи. Но, некогаш се неизбежни“, рече Медведев во Њујрок.

Автор: ЕМФ/АТ/ афп

Редактор: Жана Ацеска