1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ахмети: Време е за храбри одлуки и решение за името

СН/ЕМФ/макфакс/дневник13 април 2013

Во колумна за весникот „Дневник“, насловена „Време е за НАТО“, лидерот на ДУИ, Али Ахмети порачува дека е дојден моментот за храбри одлуки, решение за името и влез во Северноатлантската алијанса.

https://p.dw.com/p/18FLs
Фотографија: DW/S. Toevski

Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети, коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ во македонската влада, во колумна во дневниот весник „Дневник“ се осврнува на постизборните предизвици за Македонија.

Името е единствена пречка за влез на Македонија во НАТО, а Ахмети во колумната бара храбра одлука за да се отстранат пречките за влез на Македонија во НАТО, односно Македонија да го реши прашањето за името со Грција.

„За секоја голема цел, треба да се донесе и една голема одлука. И за двете работи, потребна е храброст. Заедничка храброст. Ние имавме трпение, разбирање за чувствата на мнозинството, за чуствителноста и одговорноста на нашите политички владејачки партнери, но и регионално и меѓународно разбирање. Чекавме со голема одговорност и разбирање. Но, дојден е момент кога не треба да отсуствуваат храброста и одлуката за да се направи се` што е наша одговорност за да ја отстраниме секоја пречка за да бидеме таму каде што треба да бидеме - во Северноатлантскиот сојуз. За нас, оваа одлука не може да има алтернатива“, пишува Ахмети.

Тој ги повикува граѓаните на Македонија и оние кои ги носат одлуките да го направат потребниот чекор.

„Ако некој се повикува на зрелост, патриотизам, граѓански интерес, рационалност, а зошто да не и на идентитетска определеност, велам дека не треба да имаме повеќе ниту една дилема дека токму сега е моментот Република Македонија и нејзините граѓани, со тие што ги носат одлуките да го направат потребниот чекор“, пишува Ахмети.