1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ахмети: Избори ќе има, нема враќање назад

18 март 2011

Демократската унија за интеграција не ја напушта владата. Владината коалиција функционира нормално и покрај некои недоразбирања, кои не се ненадминливи, порача по седницата на врвот на ДУИ, лидерот Али Ахмети.

https://p.dw.com/p/10brz
Али АхметиФотографија: DW/Musliu

Али Ахмети, лидерот на „интегративците“ со изјавите по седницата Централно претседателство на ДУИ вчеравечер во Тетово, се обиде да го амортизира незадоволството меѓу своите сопартијци, но и да ги намали видните искричења во односите со ВМРО ДПМНЕ, откако новиот гувернер на Народната банка на Македонија Димитар Богов беше изгласан во отсуство на пратениците на ДУИ.

„Спротивни мислења и несогласувања има и во секое семејство, а камоли во една широка коалиција со различни интереси“, рече Ахмети, додавајќи:

„Владината коалиција функционира сосема нормално. Односите меѓу коалиционите партнери се многу конструктивни и се расправа за сите отворени прашања.“ Неколку часа пред вчерашната седница на раководството на ДУИ високи извори од најблиското опкружување на Али Ахмети неофицијално брифираа за Дојче веле дека „ситуацијата е дојдена до крајот, но и оти Демократската унија за интеграција, сепак, веќе нема потреба да ја напушта Владата, штом наближуваат изборите.“

Има недоразбирања но не се нерешливи

Наспроти првичните бурни реакции од ДУИ, која безуспешно протежираше друг кандидат за гувернерската фотелја во НБМ, но Албанец, сега за Ахмети „изборот на Богов бил само уште една лошо изменаџирана ситуација, уште едно недоразбирање, какви што се случувале и порано, но, кои не се неразрешливи.“

Дали денес, на 18 - ти март 2011 година, пратениците на ДУИ ќе дојдат во собранието, за да гласаат за изборот на Борис Кондарко од СДСМ, како нов претседател на Државната изборна комисија? – вчеравечер новинарите го прашаа шефот на „интегративците“.

Mala Recica Tetovo
Седиштето на ДУИФотографија: DW

Тој укажува:

„ДУИ не го бојкотира Парламентот на Македонија. Ситуацијата е во рамки на нормалното. Нашите пратеници во изминатите два дена не беа во Собранието и не учествуваа во работата на некои негови комисии, бидејќи имаше одделни прашања, за кои коалиционите партнери расправаа, а за кои постоеше потреба за дополнителни подетални објаснувања. Сета таа ситуација беше поврзана со не баш најуспешно изменаџираниот избор на новиот гувернер на НБМ.“

Ахмети ќе учествува на средбата кај Иванов

Ахмети кажа дека ја прифатил поканата на претседателот на државата Ѓорѓе Иванов да учествува денеска, на 18.3.2011 година, на средбата на лидерите на политичките партии, која треба да биде одржана доцна попладнето во врска со подготовките за спроведувањето на предвремените парламентарните партии. Притоа, тој не прецизираше кои партии се поканети да учествуваат на таа средба.

Но, што ако оваа средба биде неуспешна, а потоа опозицијата се реши на бојкот и неучество на изборите? Дали ДУИ ќе оди на избори без опозиција?

На ова новинарско прашање претседателот на владејачката албанска партија во вчерашната изјава за медиумите одговори: „Ние посакуваме таа средба и дијалогот да бидат успешни. Меѓутоа, процесот е дојден во таква фаза, што повеќе нема враќање назад.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Симе Недевски