1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ајатолахот Хамнеи повика да престанат протестите

19 јуни 2009

Во Иран денеска врховниот духовен водач, ајатолахот Али Хамнеи, ја држеше петочната молитва. Многу набљудувачи сметаат дека неговите пораки можат да бидат точка на пресврт во понатамошниот развој на настаните во Иран.

https://p.dw.com/p/IUtR
Ајатолахот ХамнеиФотографија: AP

Врховниот духовен водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, денеска повика да престанат уличните протести, кои веќе една недела го тресат Иран по претседателските избори. Тој го прогласи Махмуд Ахмадинеџад за легитимен победник на изборите и ги отфрли сите обвинувања дека тие биле фалсификувани, како што тврдат неговите опоненти. „Ако дојде до крвопролевање, организаторите на протестите ќе се сметаат за директно одговорни“, истакна Хамнеи пред повеќе десетици илјади Иранци, кои дојдоа на петочната молитва на универзитетот во Техеран.

Изборите во Иран - политички земјотрес


„Резултатите од изборите доаѓаат од гласачките кутии, а не од улиците. Грешна е проценката дека протестите можат да се искористат како средство за постигнување на некакви илегални барања. Тоа би било почеток на диктатура,“ додаде духовниот лидер на Иран.

Ayatollah Ali Khamenei spricht vor einer Menschenmenge
Духовниот лидер на Иран во говор пред луѓеФотографија: picture-alliance/ dpa

Хамнеи нагласи дека сите кандидати на претседателските избори ја поддржуваат државата. Мир Хосеин Мусави, со кого - како што рече - со години одлично соработува, е исто така лојален претставник на иранската држава. Меѓу кандидатите има разлики само во политичките програми, нагласи ајатолахот Хамнеи во првото јавно обраќање од почетокот на масовните демонстрации.

Тој оцени дека претседателските избори претставувале вистински политички земјотрес. Толкав одѕив на изборите немало во последните 30 години, од основањето на Исламската република. Притоа е природно секој од граѓаните да верува во својот кандидат. Изборите беа пример за религиозна демократија. „Го положивме тестот!“ - порача ајатолахот Хамнеи. Според него, немирите се должат на влијанието на непријателите на иранската држава, кои се обидуваат да ја поткопаат довербата на граѓаните во регуларноста на изборите. Таквата кампања била со месеци подготвувана, нагласи врховниот духовен лидер на Иран.

За разлика од масовните протести, кои ги игнорира, иранската државна телевизија во живо го пренесуваше говорот на Хамнеи. Опозицијата за денеска повика на воздржување од јавни демонстрации, за да не ја попречува петочната молитва на врховниот духовен лидер.

Автор: ТТ/дв

Редактор: Александра Трајковска