1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ајфел - регион на заспани вулкани

Б. Шваненберг / Е.М.Фиданоска6 август 2013

Онаму каде што пред 150.000 години била исфрлена лава, од пред една година се протегаат добро обележани патеки за планинарење. Возбудливата историја на регионот Вулканајфел, може да се запознае, на пример, на Баузенберг.

https://p.dw.com/p/19A2J
Фотографија: cc by A.Savin sa 3.0

„Добар ден. Повторно гледам радосни лица, полни со очекување. Она што го гледате таму горе е Баузенберг. Тоа не ви зборува ништо, исто како што речиси ништо не им значи и на многумина кои возат по автопатот А61. Тоа е најубавиот и најдобро зачуван стромболијански вулкан во Европа со кратер во облик на потковица“, ја поздравува групата биолози водичот низ вулканскиот парк, Валтер Милер.

Тој ја води групата на својот омилен вулкан во Ајфел. Тој за Баузенберг (на фотографијата) има дури напишано и книги. Прво се собира се‘ што лази долж патеката.

„Ви гарантирам дека денеска повторно ќе најдеме барем едно специјално животинче“, вели водичот.

На Баузенберг има животни и растенија кои инаку може да се најдат во јужните земји. Валтер Милер сака на планинарите да им ја расветли малку тајната на вулканизмот, 150.000 години по ерупцијата на вулканот Баузенберг:

„Овде имаме целосен поглед на вулканот Баузенберг. Како што може да се види, овде еднаш се копало, во периодот од 1930 до 1936 година, а потоа ридот е ставен под заштита. Денес може да се каже дека имаме прозорец кон историјата на Земјата.“

Низ тој прозорец погледот се насочува кон времето кога планините на Ајфел биле се‘ уште активни вулкани.

„Секоја од линиите значи едно исфрлање лава“, нагласува Валтер Милер покажвајќи на линиите во ридот.

Благодарение на формата, Баузенберг до денес акумулира многу топлина. Добри услови за живот на ситните животни.

За се‘ да не обрасне, на Баузенберг се населени кози, како негуватели на околината.

„Нашите вулкански планини имаат своја типична флора и фауна. Оној кој генерално ја посматра природата, има што да види на овие гео-рути, зашто долж патеките блика разноликост. Дури и камењата може да бидат многу интересни“, уведен е водичот Милер.

Тури со водич низ вулканскиот парк Бролтал се нудат редовно.