1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

А1 од денеска под стечај - утре и одлука за дозволата за работа

26 јули 2011

Со одлука на судот Скопје 2, отворена е стечајна постапка за А1, која е во долгови од 30 милиони евра. Советот за радиодифузија утре ќе се изјасни дали се создадени и законски услови за одземање на дозволата за работа.

https://p.dw.com/p/123p5
Фотографија: Petr Stojanovski

А1 официјално оди во стечај, 234 вработени остануват без работа. Основниот суд Скопје 2 го прифати барањето за отворање на постапката, која ја предложи приремениот стечаен управник. Телевизијата е во долгови од 30 милиони евра, кои нема начин да се наплатат. Според финансискиот извештај на привремениот стечаен управник Ацо Петров, на сметките на А1 имало околу 900 илјади евра, што биле доволни само за 5% од обврските. Само кон Управата за јавни приходи долгот изнесува девет и пол милиони евра.

Се прекинуваат договорите на сите вработени

Mazedonien Velija Ramkovski
Фотографија: Makfax

Според Петров, фирмата не покажува солвентност, односно не може да ги исплати обврските, а нејзината сметка е блокирана од 2-ри јуни. Во неговиот финансиски извештај биле земени во предвид пресметки за 2010 година, а фирмата доставувала завршна сметка заклучно со 2009 година. Петров го подготвил извештајот врз основа на документација, која што му била достапна во А1, како и од надлежните институции.

Со решението за стечај договорите за работа им прекинуваат на сите вработени. Дел од нив сепак ќе бидат задржани на работа заради продолжување на неопходниот процес на работа во телевизијата.

Најавена жалба

До кога телевизијата ќе емитува програма зависи од Советот за радиодифузија. Членовите консултираат правни експерти и веројатно утре ќе се изјаснат за лиценцата на телевизијата. Според законот за радиодифузија, лиценцата за работа се одзема во случај на стечај или ликвидација. Одбраната на должникот А1 телевизија најави жалба на одлуката на судот.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Горан Чутаноски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема