1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

080710 Computer Schule

26 јули 2010

За да им го приближат на постарите генерации компјутерскиот свет на младите, експертите и професорите од Училиштето за компјутерски игри во Лајпциг решија да понудат посебни курсеви за родители и деца.

https://p.dw.com/p/ORPm
Фотографија: Alexei Imaev

Вообичаено во семејството се разговара само за тоа колку време можат да поминат децата пред компјутер или кој ќе ги плати скапите компјутерски игри што ги фасцинираат. Ретко кој од родителите си наоѓа време и да се сретне со игрите и светот што се крие зад нив - за бабите и дедовците и да не зборуваме. Затоа Училиштето за компјутерски игри во Лајпциг почна да нуди сесии за родители и деца.

Почетник во осмата деценија

„Овде се управува со аналогниот стик... Аааа, овде се притиска, не го познавам уште овој апарат. Добро, со палката се управува, а овде оди побрзо и поспоро... да, тешко е затоа што не пишува на германски...“

Кристоф Јаниш е играч број четири во оваа компјутерска игра и за почеток не се снаоѓа воопшто. Неговиот поглед како во бунило се движи од екранот кон малиот бел апарат во рацете. Иако во меѓувреме го има стиснато секое копче барем по еднаш, сепак малиот црвен автомобил за трки со кој треба да управува во играта не сака никако да тргне.

BdT Computerspiele boomen Branche mit Umsatzrekord
Фотографија: picture-alliance / dpa

Не му е лесно на 78-годишниот Кристоф Јаниш, кој за првпат во животот седи пред компјутерска игра. Покрај него на софата седат двајцата кои се виновни за неговите маки: внукот Тони и другар му Јоханес. Двајцата имаат по 10 години и успеаа да го убедат дедо Кристоф да дојде со нив во Училиштето за компјутерски игри, наместо да седи негде во сенка на големите горештини или пак да се капе во некое езеро во околината. Тони видливо и’ се радува на новата пасија на неговиот дедо: „Супер! Инаку можам да си играм само со мама и со тато. Убаво е понекогаш да можам да си играм и со дедо...“ - „Морам да научам прво како оди тоа... оооо, отидов од пистата“, се мачи дедо Кристоф.

Интересно и за баби

Неколку компјутери понатаму седи 52-годишната Габриеле Хајдекер, со двајцата внуци Јонас и Мелика. Таа е веќе десеттипат со нив во Училиштето за компјутерски игри во Лајпциг. Осумгодишната Мелика е одушевена од баба и’: „Баба ми предложи да дојдеме овде. Прекрасно е, можеме да си одбереме игри, што уште не сме ги играле. Освен тоа можам да и’ помогнам на баба ми, бидејќи таа најчесто ме прашува мене кога нешто не разбира...“

Kinder spielen Computerspiele
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Училиштето за компјутерски игри во Лајпциг постои веќе две години и им стои на располагање пред се’ на родителите и бабите и дедовците. Вработените во училиштето се обидуваат да им помогнат на постарите да го надминат стравот од непознатото и да се впуштат во светот на компјутерските игри, кој е секојдневие за нивните деца и внуци. Оној кој ќе ги донесе најблиските од семејството има право бесплатно да игра првите два часа, а потоа секоја игра чини едно евро на час.

Експерти и педагози

Клаудија Филип, медиумски педагог, е раководителка на училиштето и објаснува каква полза можат да имаат родителите од посетата на оваа установа: „Тие мораат пред се’ да се информираат какви игри постојат, бидејќи секој жанр на компјутерски игри се игра поинаку. Постојат игри за кои треба многу подолго време и за нив на децата треба да им се одреди неделно колку часа смеат да ги играат, тие не се завршуваат за еден ден. Ваквото знаење им е неопходно на родителите...“

Родителите доаѓаат во Училиштето за компјутерски игри со многу прашања, како: кои игри се соодветни за возраста на моето дете, кои се опасни, а кои не, колку часови е здраво да минува пред компјутер со игрите, постои ли заштита што се однесува до возраста на децата итн? Одговори на овие и многу други прашања нуди меѓу другите и Филип Волфрам, практикант во Училиштето за компјутерски игри: „Се обидуваме да им објасниме дека за децата тоа не е едноставно притискање некакви копчиња, туку дека она што ги привлекува е сатисфакцијата кога ќе решат некоја загатка или некој проблем и тоа во рамките на правилата на играта. Преку компјутерските игри се вежба способноста да се сфати ситуацијата, како и соодветно и брзо да се одреагира. Игрите го поттикнуваат и логичното размислување.“

Frankreich Paris Computerspiele Weltcup ESWC
Фотографија: Games Services

Корисно и интересно

Дека посетата на Училиштето за компјутерски игри не помага само за родителите да си ги решат дилемите на ова поле, туку дека игрите можат да им причинуваат задоволство и на постарите генерации, покажува примерот на 78-годишниот Кристоф Јаниш, кој на заминување од салата со компјутери заедно со внук му Тони вели: „Ми беше интересно. Игрите се возбудливи и дури и јас се занесов, човек мора брзо да мисли, да прима и да обработува многу информации. Мене уште ми недостасува умешноста во управувањето со рацете, младите се тука многу побрзи. Тие и растат со мали и големи компјутерски игри. Но, јас не се откажувам, ќе играм и понатаму!“

Автор: Рони Арнолд/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска