1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Баварец на грчкиот престол

Марк Фон Липке-Шварц/Б. Георгиевски7 јули 2013

Првиот крал на престолот на новоформираното кралство Грција во 19. век бил еден германски принц. Ото Фон Вителзбах сакал во целост да ја реформира балканската земја. Но тоа не му успеало.

https://p.dw.com/p/190IT
Фотографија: picture-alliance/akg-images

На младиот Ото Фон Вителзбах прво му се чинело дека му се насмевнала среќата. Со неполни 16 години овој баварски принц станал првиот крал во историјата на модерна Грција. Во декември 1832 година Ото се простил од својата татковина Баварија и од Минхен со преку 3.000 војници, државни службеници и интелектуалци се впуштил во авантура за изградба на цивилно општество на југот на Европа.

На младиот крал не му завидувале многумина. Пред да падне одлуката за него, грчката круна веќе ја одбиле двајца кандидати. Тоа не било големо изненадување. Во 1821. година Грција се дигнала против османлиските окупатори, а во романтичниот настап на одушевеност со колевката на цивилизацијата во помош им пристигна речиси целата напредна Европа. Во крајна линија, „колевката на цивилизацијата“ требало да биде ослободена од османлискиот јарем. Членовите на т.н. Здруженија на грчки пријатели, кои ги сочинувале бројни европски интелектуалци и политичари, посебно се ангажирале во поддршка на грчкото востание. Еден од големите пријатели на Грција бил и баварскиот крал Лудвиг Први, таткото на Ото, кој освен војска, во Грција на крај го испратил и својот син. На крајот, за грчката победа сепак повеќе придонесле британската и француската морнарица, отколку баварската пешадија и пари. Но, по заминувањето на османлиите Грција запаѓа во хаотична фаза на внатрешни судири. Идејата на „пријателите на Грција“ била еден „увезен“ крал да ја среди состојбата.

König Otto von Griechenland
Кралот Ото од Грција

Ни трага од романтика

Оттука, она што младиот крал го дочекало во новото кралство ни малку не наликувало на романтичните претстави на Европјаните за античка Грција. Сјајот на Атина одамна е изгаснат, а Грција во тој период не е ништо повеќе од збир на рурални области, и тоа заостанати - според тогашните западноевропски сфаќања.

Но, Ото не бил обесхрабрен од тоа. Понесен од одушевеноста на Грците, тргнал во реформирање на заостанатото грчко општество. Неговиот татко му помогнал испраќајќи еден од своите најдобри државни службеници - министерот за финансии Јозеф Фон Армансперг. Почнува реформата на речиси сите сегменти на државата: правосудството, образованието, финансиите и армијата. Веќе во 1837 година во Атина е основан првиот универзитет во нововековна Грција. Зградата во која и денес заседава грчкиот парламент ја проектира германски архитект Лео Фон Кленце.

Но, се чини најголемата оставштина на баварците во Грција е германското пиво. Имено, тие се погрижиле пивото во Грција да се произведува според германскиот правила за чистота на пивото од 16. век. Пиварите почнале да се множат низ целата земја, а набрзо пивото станало еден од најпопуларните пијалоци.

Остана пивото

Настрана позитивниот развој, Ото се соочувал и со бројни проблеми: празна државна благајна и разбојнички групи кои ги контролирале планинските и руралните предели и со кои војската на младиот крал не можела да излезе на крај. Хаосот во Грција едвај го дочекале некои во неговата татковина кои уште од почетокот биле против неговото испраќање. Поетот Хајнхрих Хајне дури и напишал песна во која се подсмева со „татковиот син“. Владеењето на баварскиот крал насилно било прекинато со востанието од 1864 година. Владетелот во последен момент избегнал линч и побегнал во Баварија. Но и во егзил, на баварскиот двор тој сакал да се чувствува како владетел на балканската земја. На официјалните приеми се појавувал во грчка народна носија, а инсистирал и да се говори само грчки. Трагикомичната приказна на грчкиот крал Ото завршува во 1867 година кога умира „во длабока тага“.

Ein Bayer auf Griechenlands Thron
Бегството на Ото од Грција

Краткотрајното владеење на Ото не оставило подлабока трага врз грчкото општество и законодавство. Но еден закон од тоа време е се уште во сила во Грција: баварскиот закон за чистотата на пивото.