1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

010110 Blackwater Irak

3 јануари 2010

Ирак оценува дека одлуката на американскиот судија поради процедурални грешки да сопре судскиот процес против вработени во агенцијата за обезбедување „Блеквотер“, обвинети за убиства во Ирак-ги отежнува односите со САД.

https://p.dw.com/p/LIl1
Припадници на „Блеквотер“ во Ирак(архива)Фотографија: AP

„Ве прашувам, што ќе се случеше ако Американци беа жртви на нападот?“ Еден весник ги цитира зборовите на ирачки полициски службеник, кој на денот на нападот, во септември пред две години, бил на плоштадот Нисур во Багдад. Американски државјани, инаку вработени во агенцијата за обезбедување „Блеквотер“ отворија оган, при што загинаа седумнаесет ирачки жители. И таткото на една од жртвите е без зборови: „Како можеа да ги ослободат? Има докази, има сведоци!“

Портпаролот на ирачката владата Али ал Дабаг истакна дека Багдад е „разочаран“ и „жали“ поради одлуката на судијата во Вашингтон да ги ослободи обвинетите по сите точки од обвинувањето.

„Одлуката на судија ги комплицира односите меѓу САД и Ирак. Америка се претстави во лошо светло. Американците мора да сфатат дека овој инцидент им штети на нивните интереси, и во Ирак и секаде во светот“, изјави советникот на ирачката влада Саад ал-Муталиби.

Зошто е сопрен процесот?

Вработените во „Блеквотер“, меѓу другото, беа обвинети и за убиство на четиринаесет цивили. Во инцидентот во 2007 година, по експлозија на еден автомобил-бомба, тие отвориле оган околу себе, бидејќи наводно биле нападнати. Ирачки сведоци ги негираат ваквите тврдења. Судијата во Вашингтон во четвртокот одлучи дека судскиот процес не може да продолжи, бидејќи обвинувањето се темели врз првичните изјави на обвинетите при сослушувањето во Стејт департментот, а според законот, овие изјави не смеат да се користат за други цели. Портпаролот на ирачката влада Муталиби негодува: „Правните или процедурални пречки не смеат да спречат криминалците да бидат казнети. Никому не смее да му биде дозволено да шета вооружен по улица и да ужива имунитет.“

Sicherheitsdienstleister - Blackwater
Фотографија: AP

Стравувања од одмазда

Реј Одиерно, командантот на американските трупи во Ирак, сега стравува од одмазднички напад. Пред новинарите во Багдад тој истакна дека е гневен поради тоа што лицата кои најверојатно извршиле прекршок, не се изнесени пред лицето на правдата.

По масакрот во Ирак, ангенцијата за обезбедување „Блеквотер“ ја изгуби лиценцата за работа. Во меѓувреме, се преименува во „Зи Сервисес“, и ниту еден од учесниците во инцидентот во Ирак официјално не е вработен во неа. Меѓутоа, истите лица и натаму се во служба на американската влада, на други места во светот.

Автор: Карстен Кинтоп / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска