1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Баерн го загуби чекорот во Бундеслига

Зоран Јордановски23 април 2007

На врвот барем една работа почна да се расчистува. Жестока борба за опстанок на 4 кола до крајот

https://p.dw.com/p/Aeg9
Двојниот стрелец Какау (Штутгарт)
Двојниот стрелец Какау (Штутгарт)Фотографија: AP

Се чини дека една од дилемите е решена – во Минхен, по 11 сезони непрекинато, наредната есен веројатно нема да се играат средби од Лигата на шампионите. Штутгарт и натаму може да сонува за двојна круна – останува во борбата за првото место, а се избори и за учество во финалето на Купот на Германија.

Во дербито на 30-тото коло Штутгарт го совлада Баерн со 2 спрема 0 со головите на извонредниот Какау. “Настапивме добро како екипа. Ова беше супер-победа, тимот ја заслужи” – рече двојниот стрелец. Со неговата оцена се согласи и тренерот Армин Фе: “Денеска прикажавме сосем суверено остварување и игравме тимски. Многу добро дејствувавме во одбраната, а во нападот создадовме многу шанси. Поради тоа, натпреварот го добивме апсолутно заслужено”.

За Баерн сега е реалност учество во Купот на УЕФА. Премалку, со оглед на амбициите и на вредноста на тимот. “И покрај тоа, не се предаваме. Имаме уште 4 средби, 12 бодови. Мораме да ги добиеме сите натпревари и да се надеваме дека Штутгарт можеби еднаш-двапати ќе киксне” – вели тренерот на Баерн Отмар Хицфелд.

Вердер, пак, се надева на кикс на Шалке. Во изминатово коло обата главни аспиранта за првото место беа сигурни, иако мораа да вложат многу труд за да дојдат до победи. Во петокот во Бремен Вердер водството на Арминија од 1 спрема 0 во второто полувреме го сврте во своја победа од 3 спрема 1. Така го зголеми притисокот врз Шалке. Но, лидерот на првенството не му дозволи на Енерги Котбус никакво изненадување и го совлада со 2 спрема 0. “Мислам дека во второто полувреме толку натамошно го зголемивме притисокот, што шансите дојдоа сами по себе” – изјави тренерот Мирко Сломка.

Шалке има 62, Вердер 60, Штутгарт 58 бодови, пет повеќе од Баерн на четвртото место.

Во борба за обезбедување настап на меѓународна сцена, Баер во Леверкузен го совлада директниот конкурент Нирнберг и направи голем чекор, со оглед на тоа дека сега, откако Нирнберг обезбеди учество во финалето на Купот, и шестото место ја отвора вратата на Купот на УЕФА. Репрезентативецот Бернд Шнајдер ги постигна обата гола, и покрај непријатноста што од трибините не можеше да се забележи: “Ми се скина левиот чевел, го заменив, но веќе не можев да трчам. Сепак, со десниот го постигнав првиот гол”. Баер (Л) има 45, Нирнберг 44 бодови.

Од 7-то до 9-тото место на табелата со по 38 бодови се Херта, Енерги и Хановер. Херта дома загуби од Борусија Дортмунд со 1 спрема 0, додека Хановер дефинитивно и’ ја запечати судбината на Борусија Менхенгладбах, победувајќи ја со 1 спрема 0. Борбата за опстанок е жестока: Ајнтрахт дома е поразан од Бохум со 3 спрема 0, а Волфсбург од Арминија Билефелд со 3 спрема 2. “Заслужено или незаслужено – тоа во моментов ми е сосем се’ едно, ние освоивме три бода, кои беа важни кога уште еднаш ќе се погледаат резултатите на другите терени” – прокоментира Ернст Мидендорп, тренер на Арминија.

Бурно беше и во Хамбург – Мајнц на два пати водеше, домаќинот успеваше да изедначи. Со нерешениот резултат, всушност, никој не е задоволен. “Да, но она што го прикажаа момците во второто полувреме, тоа е токму вистинскиот менталитет кога си долу на табелата и треба да покажеш: сакаме и наредната година да играме во Бундеслигата” – вели Томас Дол, од неодамна тренер на Борусија Дортмунд.

Хамбургер и Бохум имаат по 36 бодови, Волфсбург и Борусија (Д) по 35, Ајнтрахт 34, Арминија 33, колку и 16-то пласираната Алеманија. Мајнц е претпоследен со 31, а последната Борусија (М) има 25 бодови.

Со оглед на резултатите, тешко е да се прогнозира разврската, но во секој случај Бохум од сите кандидати за испаѓање единствен дома пречекува две од водечките екипи – Шалке и Штутгарт, додека Мајнц пак е единствениот кого двете гостувања го водат кај екипи од водечкиот квартет – Штутгарт и Баерн Минхен. Вердер и Шалке по три пати ќе играат против загрозените тимови.

Германска доминација во европските ракометни купови

Германскиот ракомет, по триумфот на репрезентацијата во фавруари на Светското првенство, сега може да ја потврди моментната доминација и преку резултатите во европските клупски натпреварувања.

Ракометарите на Кил се на прагот по прв пат да ја освојат Лигата на шампионите, која годинава донесе германско финале. Првиот дуел во Фленсбург заврши нерешено 28 спрема 28. Кил имаше само осум играчи способни за настап, па сепак иако десеткуван се избори за резултат кој му ветува в недела во реваншот да ја освои највредната титула во европскиот клупски ракомет. Ларс Кристијансен со 9 голови беше најефикасен кај Кил, Никола Карабатиќ со осум погодоци кај Фленсбург-Хандевит.

Хамбург во првиот финален натпревар од Купот на победниците на куповите го совлада Адемар Леон со 28 спрема 24 и ги задржа шансите да ја освои првата меѓународна титула во својата историја. Магдебург, пак, во првиот натпревар од финалето на Купот на Европската ракометна федерација на гости кај шпанскиот претставник Арагон извлече нерешен резултат од 30 спрема 30. Така, убави се изгледите за прв пат воопшто сите три европски трофеи да ги освојат германски екипи.