1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Баерн и теоретски германски фудбалски првак

5 мај 2008

Баерн од Минхен по 21 пат ја освои титулата фудбалски првак на Германија, на три кола пред крајот на првенството. Славјето за новиот успех во Минхен ќе се одржи по последниот натпревар против Херта од Берлин.

https://p.dw.com/p/DtaI
Славје на фудбалерите на Баерн: 21та титула обезбеденаФотографија: AP

31-то коло им беше потребно за се да стане јасно, па репортерите да можат да констатираат:

„Барен од Минхен ја слави 21-та титула германски првак„.

И тоа токму во Волфсбург каде што тренерот Отмар Хицфелд веќе во 2003 година со црвените исто така ја освои титулата:

„Ова е моето последно германско првенство и затоа посебна е и титулата. Многу сум среќен за тоа што ја оправдав довербата на клубот и што Баерн повторно за наредните пет-шест години има одлична екипа„.

Покрај Хицфелд, пред се менаџерот Ули Хенес има заслуга што е оформена оваа одлична екипа:

„Јас реков дека сонувам за тоа противниците да мораат да користат двоглед. Со предност од десет бода три кола пред крајот, разликата е доволна за двоглед„.

Во вториот вчерашен натпревар, Баер од Левекузен загуби во Дуисбург со 3 спрема 2 и сега има три бода помалку од местото што води во купот на УЕФА. Тренерот Михаел Скибе:

„Мораме да вложиме уште малку напор и острина потребна да собереме бодови во завршницата на првенството„.

Остри мораат да бидат и фудбалерите на Дуисбург кои и покрај победата се уште е на место што води во понизок ранг. Тренерот Руди Бомер се радуваше на победничкиот гол во последната минута:

„Многу натпревари игравме добро и загубивме многу во последните минути. Овојпат ние бевме наградени„.

Второпласираниот Вердер во саботата си ја заврши домашната задача победувајќи го Котбус ос 2 спрема 0 и е јасен победник во дуелот за второто место со Шалке кој против Хановер дома одигра скромни 1 спрема 1. И покрај тоа, преодниот тренер Мајк Бискенс е оптимист:

„Сега повторно ќе ме прашаат дали е ова голем неуспех на патот кон место што води директно во Лигата на шампионите. Јас велам крајот ќе покаже дали овој бод вреди или не„.

Вредни бодови заработи Хамбургер со победата од 3 спрема 1 во Росток. По шест натпревари без победа, Хамбургер конечно доживеа успех, додека екипата на Франк Пагелсдорф напротив сега е фенерџија.

Штутгарт ги зацврсти амбициите за место за купот на УЕФА со суверената победа против Франкфурт со 4 спрема 1. По лошиот старт во сезоната, финишот ветува многу. Тренерот Армин Фе:

„Покажавме одличен фудбал, одлично комбиниравме во нападот и подготвивме многу шанси. И во одбраната бевме доволно агресивни. Вкупно, одлично постигање„.

Конечно причина за славје имаа и навивачите на Херта од Берлин. Осум натпреаври по ред не беа освоиле три бода, но овојпат против Карлсруе победа од 3 спрема 1 против кандидатот за напуштање на Првата лига.

Угорната линија на Билефелд продолжи и во ова 31 коло: победа дома против Бохум од 2 спрема 0, трета по ред и место што значи опстанок. Тренерот Михаел Фронцек се уште претпазлив:

„Мислам дека единствената константа во оваа сезона кога станува збор за борбата за опстанок е тоа што немаше константа. Во последниве недели добри ни оди, но крајот се уште е далеку„.

Во петокот својот натпревар го одиграа Борусија од Дортмунд и кандидатот за напуштање на лигата Нирнберг. Во слаба игра се разделија без голови.

На табелата води веќе новиот првак Баерн од Минхен со 67 бода. На второто место што директно води во натпреварите на Лигата на Шампионите засега е Вердер со 57, пред Шалке кој има два бода помалку со можност да се бори во квалификациите за најелитната лига во Европа. На местата што значат настап во купот на УЕФА се Хамбургер со 55 и Штутгарт со 51 бод. На дното вистинска бркотница. Котбус и Билефелд се на 14 и 15-тото место со по 32 бода, три повеќе од Дуисбург кој по вчерашната победа го напушти фенерот, но се уште е на место што води во втората лига. На претпоследното и последното место се Нирнберг со 28 и Росток со 27 бода.

На листата на стрелците убедливо води баерновиот центарфор Лука Тони со 21 постигнат гол, следен од Марио Гомез од Штутгарт со 16 и Кевин Курањи од Шалке со 15.