1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Баерн незадржлив – го кутна и Јувентус!

19 октомври 2005

Баерн е на најдобар пат да се пласира за осминафиналето на фудбалската Лига на шампионите како прв во својата група

https://p.dw.com/p/AekE

Пред 66 илјади гледачи на исполнетиот стадион во Минхен, Баерн во првото полувреме целосно го надигра славниот италијански тим, со головите на Дајслер и Демикелис оствари водство од 2 спрема 0, кое според шансите можеше да биде и повисоко. Во вториот дел Баварците играа нешто попретпазливо, па сепак создадоа уште некоја гол-шанса. Во завршницата Јувентус преку Ибрахимовиќ само го намали резултатот, но време за пресврт немаше. „Мислам дека ова не беше вистинското ниво на Јувентус, но и покрај тоа голем беше и нашиот удел. Ние одигравме многу добро, пред се’ во првото полувреме ги ставивме под многу силен притисок и тогаш тие покажаа всушност невообичаени слабости, пред се’ во одбраната. Според тоа, ние можеме да бидеме многу задоволни од нашата игра“ – рече Михаел Балак.

Баерн води во А-групата со стопроцентен ефект – 9 бодови од трите средби, Јувентус има шест. Бриж синоќа во Виена го совлада домашниот тим Рапид со 1 спрема нула и ги освои првите три бода, додека Рапид и натаму е без постигнат гол и без освоен бод.

Во Б-групата Арсенал ја победи Спарта во Прага со 2 спрема 0. Обата гола ги постигна Тиери Анри, кој недоопоравен по петнеделна пауза поради повреда мораше да влезе во игра веќе по неколку минути од почетокот на средбата, откако по груб фаул Рејес беше повреден и го напушти теренот. Во другиот дуел од оваа група Ајакс во Амстердам го победи Тун со 2 спрема 0. Арсенал има девет бодови, Ајакс 4, Тун 3, а Спарта само 1 освоен бод.

Вториот германски претставник што настапи синоќа, Вердер од Бремен, одигра нерешено против Удинезе во Удине 1 спрема 1, но може да жали по испуштената победа. Имено, Вердер имаше водство постигнато со автогол на Фелипе, а домаќинот израмни на само 4 минути пред крајот, по контранапад во два потега, откако претходно Клозе непотребно загуби топка во нападот. Сега Вердер е последен во групата со 1 бод и мора да се надмине себе си во преостанатите средби, за да не биде елиминиран уште во оваа фаза од Лигата на шампионите.

Во Атина Панатинаикос и Барселона одиграа нерешено 0 спрема 0. Барселона има седум бодови, Удинезе и Панатинаикос по 4.

Во Д-групата Манчестер Јунајтед на свој терен не успеа да постигне гол против францускиот тим Лил, а нерешено заврши и шпанско-португалскиот дуел меѓу Вилјареал и Бенфика, но со резултат од 1 спрема 1. Манчестер има 5 бодови, Бенфика 4, Вилјареал 3, а Лил 2.

Вечер се играат натпреварите од другите 4 групи во Лигата на шампионите. Шалке му гостува на Фенербахче во Истанбул, кого го тренира германскиот стручњак Кристоф Даум. На екипата од Гелзенкирхен и’ е неопходен добар резултат, оти е последна во Е-групата со само еден бод. Водечкиот Милан го пречекува ПСВ Ајндховен.

Во Ф-групата се среќаваат Олимпик Лион – Олимпиакос Пиреја, и Реал Мадрид – Розенборг Трондхајм.

Во рамки на Г-групата Андерлехт го пречекува Ливерпул, а Челзи во Лондон му е домаќин на Бетис од Севилја.

Во Х-групата играат Порто – Интер Милано, и Глазгов Ренџерс – Артмедиа Братислава.

Зоран Јордановски