1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Баерн непоразен го напушти Хамбург

3 септември 2007

Во 4-тото коло на фудбалската Бундесалига сепак е прекинат победоносниот поход на Баварците. Вердер фаќа приклучок кон врвот на табелата. Штутгарт и натаму со проблеми. Само една победа на гостинските екипи.

https://p.dw.com/p/Bayn
Мохамед Зидан го слави израмнувачкиот гол за ХамбургерФотографија: AP

Во дербито во Хамбург Баерн е подзапрен, го прими првиот гол во новото првенство, а тренерот Отмар Хицфелд смета дека нерешениот резултат од 1 спрема 1 е праведен: “Во офанзивата ја немавме пробојната моќ како на последните натпревари, многу топки загубивме на средината на теренот и со тоа ни не заслуживме овде да освоиме три бодови”. Хицфелд му оддаде признание на Хамбургер за бравурозната борбеност и оцени дека ова беше најтешкиот натпревар за Баерн досега во првенството.

Во Хамбургер со задоволство констатираат дека повторно се на пат да бидат врвен тим. “Мислам дека одигравме извонреден натпревар. Мора да се искаже комплимент, оти игравме против Баерн Минхен, кој умее да игра многу добар фудбал и сметам дека многу сериозно му се спротивставивме” – оцени тренерот Хуб Стевенс.

Баерн поведе преку Мирослав Клозе, домаќинот израмни со голот на Мохамед Зидан – тоа се случуваше во последните 20 минути. Голманот на Баерн Оливер Кан го одигра 535-от натпревар во Бундеслигата и сега е апсолутен рекордер во тој поглед. Баерн е засилен со враќањето на репрезентативецот Лукас Подолски, кој заигра по долга пауза поради операција на коленото.

Вердер, по пласманот за Лигата на шампионите, продолжи со успеси и во Бундеслигата - му го нанесе првиот пораз на солидниот Ајнтрахт Франкфурт со 2 спрема 1 и им се приклучи на екипите од врвот: Бохум, Арминија, Ајнтрахт, Хамбургер и Вердер го делат второто до шестото место со по 7 бодови, три помалку од водечкиот Баерн. Репрезентативецот Пер Мертесакер е задоволен од играта: “Мора да се каже дека денеска во однос на борбаноста и трчањето повторно прикажавме супер постигнување и тоа ме радува. Сега со позитивно чувство ја чекаме паузата поради настапот на репрезентацијата”.

Први порази доживеаја и Бохум и Арминија Билефелд: Бохум по силен отпор на гостувањето кај Хановер со 3 спрема 2, за разлика од Арминија, која во Дуизбург беше убедливо победена со 3 спрема 0.

Шалке испушти шанса за скок на второ место – дома одигра со Баер Леверкузен нерешено 1 спрема 1 и сега ја предводи групата тимови кои го делат 7-то до 12-тото место со по 6 бодови. Во неа се и Дуизбург, Херта, Борусија Дортмунд, Карлсруер и Хановер. Баер е 13-ти со пет бодови.

Актуелниот првак Штутгарт никако да се одлепи од дното на табелата – сега дури е поразен на гостувањето кај новиот лигаш Карлсруер со 1 спрема 0. Тренерот Армин Фе објаснува: “Се’ уште не сме стопроцентно подготвени, а и не можеме да бидеме, но од мој агол на гледање денеска моравме повеќе да вложиме. Во одбраната не му дозволивме премногу на противникот, но ако во нападот не ги искористиш шансите, тогаш губиш”.

Тренерот на Карлсруер Еде Бекер е горд на тимот кој освои 6 бодови во четирите кола, а за победата против првакот рече: “Сакавме да покажеме реакција по навистина слабата игра против Баер Леверкузен и мислам дека што се однесува до ангажманот, трчањето, агресивноста во дуелите, тоа ни успеа во голем дел од натпреварот”.

Единствената победа за гостинските екипи ја постигна Борусија Дортмунд – 1 спрема 0 против во Росток. Ханза така останува единствен тим без освоен бод. Енерги е на претпоследното место со два бода по нерешениот исход 1 спрема 1 дома против Нирнберг, кој е на 15-тото место со 4 бодови. Исто толку имаат и Штутгарт и Волфсбург, кој во саботата загуби од Херта во Берлин со 2 спрема 1.

Наредниот викенд прволигашите ќе паузираат, оти репрезентацијата на Германија му гостува на Велс во рамките на квалификациите за европското првенство. Македонија ќе и’ гостува на Русија.

Унгер светски првак во триатлон

На светското првенство во триатлон во Хамбург изненадување приреди Германецот Даниел Унгер. За еден ипол километар пливање, 40 километри возење со велосипед и трчање на десет километри му беа потребни само еден час, 43 минути и 18 секунди и како прв мина низ целта поздравен од околу 250 илјади гледачи. “Триатлонот во Хамбург беше извонреден, мислам дека беше брутално доживување и за гледачите, како и за натпреварувачите. Сметам дека е неповторливо во кариерата на еден триатлонец да го освои светското првеснтво во сопствената земја” – рече Унгер.

ЕП-веслање: пет медали за Германците

Германските претставници на Европското првенство во веслање не беа толку успешни на домашен терен - во Минхен тие освоија само три сребрени и два бронзени медали. Вчера, на последниот ден, осмерецот, инаку бранител на титулата, стигна како втор на целта, зад канадскиот, а пред британскиот сомерец. Кормиларот Бернд Хајдикер не беше незадоволен: “Знаев дека ова беше кулминација, атмосферата можеби и подобра отколку на олмиписките игри. Радосни сме со освоеното второ место”.

Новицки и комп. на стартот против Чешка

Во Шпанија денеска започнува Европското првенство во кошарка за мажи. Германија на стартот во Палма де Мајорка се среќава со Чешка. За очекувањата од првенството главниот германски адут Дирк Новицки рече: “Се надевам дека во групата ќе можеме да постигнеме барем една голема емоционална победа, што ќе не носи понатаму на првенството. Ќе видиме. Мислам дека групата во која сме е добра, но се’ е можно’.

Македонија не успеа во баражот во Менорка да се избори за учество по поразот од Израел со 92 спрема 87.