1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Баерн “се врати” во борбата за првото место во Бундеслигата!

Зоран Јордановски5 март 2007

Првенството се’ поинтересно: 4 екипи се борат за титулата, а 10 за опстанок. Извонреден успех на Германците на светското скијачко првенство во нордиски дисциплини

https://p.dw.com/p/AegX
Салихамиџиќ го постигнува 1. гол за Баерн
Салихамиџиќ го постигнува 1. гол за БаернФотографија: AP

Некој да сака да изрежира ваков тек на фудбалското првенство нема да успее: кризата на Шалке и подемот на Баерн внесоа драматика во борбата за првото место, а за возбудливоста на борбата за опстанок доволно зборува само фактот дека во неа се вклучени повеќе од половина тимови од лигата.

Шалке доживеа втор последовен, резултатски убедлив пораз и тоа дома - 2 спрема 0 за Хамбургер, кој пак игра како препороден, откако Хуб Стевенс ја презеде командата како тренер. Предноста на лидерот се стопи на 3 бодови во однос на Вердер, Штутгарт заостанува 4, а Баерн 6. “Мораме да се помириме со ова. Планиравме од двете средби да создадеме уште поголема предност, а загубивме два натпревара дома. Сега е важно целосната концентрација да се насочи кон тоа да победуваме на гостувањата, за да можеме да ја одбраниме челната позиција на табелата” – вели за новонастанатата ситуација тренерот на Шалке Мирко Сломка.

Меѓу губитниците во развојот на настаните на врвот е и Штутгарт: по убедливиот пораз од Баер во Леверкузен со 3 спрема 1, го загуби второто место на табелата. Напаѓачот на Штутгарт, швајцарскиот репрезентативец Марко Штрелер, смета дека можеше да биде и поинаку: “Мислам дека во целата сезона немавме толку многу шанси на еден натпревар, колку денеска. Делумно самите ги упропастивме, но ’виновен‘ е и голманот на Баер Адлер, кој правеше чуда, тоа беше ненормално”.

Поразите на досега водечката двојка добро им дојдоа на Вердер и на претходно речиси отпишаниот Баерн Минхен. Официјалниот шампион ја забележа првата победа како гостин во новото првенство против Херта во Берлин со 3 спрема 2. Во средиштето на вниманието беше Лукас Подолски, кој постигна еден мајсторски гол, а го намести и победоносниот што го постигна Рој Макај. Хасан Салихамиџиќ, стрелецот на првиот гол, е оптимист дека титулата може да биде одбранета: “Се’ уште верувам во тоа. И кога Шалке имаше предност од 12 бодови во однос велев дека и натаму мора да се смета на нас”.

По четири натпревари во кои освои само еден бод, конечно се разбуди и Вердер, кој го совлада Бохум со 3 спрема 0. Сите голови ги постигна 20-годишниот Арон Хант: “Ова, се разбира, е убав ден за мене и за тимот. Сега сме на три бода до Шалке, што и го посакувавме пред натпреварот и убаво е што така и испадна”.

Мирни во однос на испаѓањето, без надежи за врвот, но не и без натпреварувачки мотиви, како на пример, учество во Купот на УЕФА, се Нирнебрг на петтото место со 36 бодови - седум помалку од Баерн, потоа Баер Леверкузен со 35, Херта со 34 и Хановер со 33. Нирнберг загуби со 3 спрема 2 на гостувањето кај Арминија во Билефелд, а Хановер се врати со празни раце од патот во Франкфурт, каде беше поразен од Ајнтрахт со 2 спрема 0.

Од 9-тото до 11-тото место со по 28 бодови се Волфсбург, кој ја совлада Борусија Менхенгладбах со 1 спрема 0, Борусија Дортмунд и Енерги. Нивниот меѓусебен дуел го доби гостинот од Котбус со 3 спрема 2, со што Борусија директно ја вовлече во борба за опстанок. “Она што го прикажуваме не е соодветно на местото на кое се наоѓаме, но ако се погледаат бодовите и ситуацијата на табелата, тогаш за нас започна борба за опстанок” – свесен е и командантот на одбраната на Борусија, репрезентативецот Кристоф Мецелдер.

Хамбургер, Алеманија и Мајнц го делат 12-тото до 14-тото место со по 27 бодови. Алеманија ја прекина чудесната серија на Мајнц во вториот дел од првенството и му го нанесе првиот пораз со 2 спрема 1. “На полувремето во кабината го кренав гласот, но тоа не беше решавачко, туку дека ние уште бевме во игра. Потоа со малку среќа и две извонредни стандардни ситуации се најдовме на победнички пат, што го одбранивме со голема борба и страст” – описот на тренерот на Алеманија Михаел Фронцек добро го отсликува текот на настаните, оти по првиот дел Мајнц водеше.

Дното на табелата изгледа вака: Ајнтрахт и Арминија имаат по 26

бодови, Бохум 24, а Борусија Менхенгладбах е последна со 21.

Меркел ги пофали мерките против насилство во фудбалот

Германскиот фудбал презема мерки за спречување на насилствата кои се појавија на почетокот на пролетниот дел, главно во натпреварувања од понизок ранг. Германскиот канцелар Ангела Меркел им се заблагодари на фудбалскиот, како и на Германскиот олимписки спортски сојуз за нивниот ангажман и укажа: “Знаеме дека спортот е добар советодавец кога станува збор за сузбивање на насилството и интеграција на младите луѓе во нашата земја. Претседателот на Германскиот олимписки спортски сојуз Томас Бах еднаш рече дека спортот е вистинским интеграционен мотор. Мислам дека е во право. Оти, ние знаеме дека кај спортот можат да се надминат културни и јазични бариери, кај спортот може да се научи на фер однесување и кај спортот можат да се совладаат предрасудите едни за други” – рече Ангела Меркел.

Таа го презеде покровителството на еден пријателски натпревар на млади од Германија и Франција, што ќе се одржи на 30 мај на олмипискиот стадион во Берлин.

На СП во нордиско скијање 9 медали за Германците

Светското првенство во скијање – нордиски дисциплини во јапонскиот олимписки зимски центар Сапоро, им донесе најголема жетва на медали на германските претставници за последните 33 години – тие освоија вкупно 9, од кои 2 златни, 4 сребрени и 3 бронзени.

Последниот подвиг го оствари Рони Акерман со златниот медал во трката на 50 километри. “Овде, всушност, не дојдов како фаворит и самиот никогаш не сметав на тоа дека ќе стигнам до врвот. Потајно, навистина, кокетирав со тоа дека евентуално ќе можам да се борам за медал, но ни не сонував дека ќе бидам прв” – искрено признава победникот.

Причини за радост има и Јенс Филбрих, кој го освои третото место: “Толку многу посакував медал, но не можев да очекувам дека тоа ќе ми се оствари денеска а во трката на 540 километри, оти веќе бев заморен. Но, секогаш верував во моите шанси. Ова за мене е најважен медал во мојата кариера”.