1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Баерн фаворит, Шалке, Вердер и Хамбургер конкуренти за титулата

Арнулф Бетхер11 август 2006

Неполни пет недели по крајот на светското фудбалско првенство, денеска започнува новата сезона во Бундеслигата.

https://p.dw.com/p/Aei8
Фотографија: AP

Репрезентативците имаа кратка пауза за опоравување, но немаат проблеми со мотивацијата, вели голгетерот на светското првенство и предводник на нападот на Вердер Мирослав Клозе: „Кај нас тоа воопшто не е проблем. Ние сите му се радуваме на новиот почеток, сите сме желни, без сомнение“.

Може ли на лигашкото секојдневие да се пренесат воодушевувањето, еуфоријата, веселите навивачки празници од светското првенство? Феликс Магат, тренер на шампионот Баерн од Минхен, е скептичен: „Би се радувал кога би продолжило славењето. Но, секогаш велев – различни ситуации се светско фудбалско првенство и клупски екипи. Затоа не верувам сосем дека Баерн на гостувањата ќе биде пречекан со раширени раце“.

Баерн е фаворит и во 44-тото првенство на Бундеслигата, и иако остана без Михаел Балак, кој отиде во англискиот тим Челзи, се стреми кон 21-та титула. Но, шампионот ги направи најскапите трансфери, одвојувајќи по 10 милиони евра за да ги доведе Лукас Подолски од Келн и Даниел ван Бојтен од Хамбургер. Оттука и оптимизмот на тренерот Магат: „Кадарот е доволно добар за повторно да ни донес титула во првенството и во купот“.

Три екипи му објавуваат конкуренција на Баерн во борбата за титулите: Шалке, Хамбургер и Вердер. Томас Шаф, тренер на Вердер: „Кадарот е добро поставен, придобивме извонредни фудбалери, но и загубивме квалитетни. Но, сосем е јасно дека сакаме да бидеме напред. Тоа мора да биде наша аспирација и ние ја прифаќаме“. Тимот од Бремен во замена за градителот на играта Мику, кој си замина, за шест милиони евра го доведе Бразилецот Диего од португалскиот првак Порто.

Шалке, поради напнатата финансиска ситуација, воведе курс на штедење, но без надомест ги ангажира Данецот Петер Левенкрандс од Гласгов Ренџерс и Халил Алтинтоп од Кајзерслаутерн. Шест талентирани играчи од подмладокот се префлени во професионалниот погон. Тренерот Мирко Сломка е задоволен: „Шалке е врвен клуб, имаме многу добар тим. Екипата срасна и поради тоа сметам дека годинава ќе можеме да се бориме за титулата“.

Хамбургер го ангажира перуанскиот репрезентативец Пауло Гереро, кој играше за Баерн, потоа белгискиот одбранбен играч Венсан Компани, како и голгетерот од Брегот на слоновата коска Бубакар Саного, досега фудбалер на Кајзерслаутерн. Тренерот Томас Дол вели: „Кога гледам како Шалке, а и Вердер, се засилија и велат дека сакаат да бидат на врвот, сметам дека Баерн нема само да се прошета низ лигата. Но, сосем е нормално дека е фаворит. Ние не би требало да се носиме со мислата да го симнеме Баерн од тронот. Ние ќе се обидеме да се етаблираме во врвната група на Бундеслигата, што е доволно тешко“.

Во борбата за место во Купот на УЕФА шанси им се даваат на Борусија Дортмунд, Баер Леверкузен, Штутгарт и Херта Берлин. Со такви амбиции е и Борусија Менхенгладбах со новиот тренер Јуп Хајнкес.

За новите членови на лигата – Бохум, Енерги Котбус и Алеманија Ахен главна цел е обезбедување на опстанокт во прволигашкото друштво. „Кога како Алеманија по 36 години повторно си тука, тоа е веќе нешто историско. Ние сме решени да ја продолжиме историјата колку што е можно подолго“ – вели Дитер Хекинг, тренер на тимот од Ахен. Алеманија својата сила ја гледа пред се’ на свој терен, на стадионот со капацитет од само 21 илјада гледачи, укажува спортскиот директор Јерг Шматке: „Познато е дека атомосферата овде е единствена, наспоредлива – во Германија веќе нема такво нешто. Ние израснавме во таа атсмосфера... Тоа сигурно ќе биде голем предизвик за некои од другите клубови, а по некој и не ќе може да го издржи“.

Клубовите од Бундеслигата севкупно ангажираа 140 нови играчи, за што беа потрошени 90 милиони евра, 20 милиони повеќе отколку лани. Интересирањето на навивачите не опаѓа: со вкупно 360 илјади продадени сезонски карти за малку е промашен минатогодишниот рекорд. Но, притоа треба да се има предвид дека трите нови лигаши имаат значително помал гледалишен капацитет, отколку екипите што испаднаа – Келн, Дуизбург и Кајзерслаутерн.