1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Баер (Л) се избори за шанса во Лигата на шампионите, Штутгарт само во Купот на УЕФА!

24 мај 2004

Заврши првенството во Бундеслигата. Последното коло не мина без драматика. Анјтрахт и Минхен 1860 заедно со Келн во Втората лига, а од таму во Првата се селат Нирнберг, Арминија и Мајнц.

https://p.dw.com/p/AenW
Момент од дуелот Баер (Л) - Штутгарт
Момент од дуелот Баер (Л) - ШтутгартФотографија: AP

Пред почетокот на првенството тешко дека некој би се обложил на Вердер како првак, но тимот од Бремен четвртата шампионска титула во клупската историја ја освои на суверен начин и ја потврди со победата во директниот дуел против бранителот на титулата Баерн среде Минхен на две кола пред крајот. Вердер прикажа најпостојана форма, најдобар фудбал и е најофанзинвниот тим во лигата, иако во последниот првенствен натпревар беше поразен од Ханза во Росток со 3 спрема 1. Вердер ги има сите изгледи и за двојна круна, бидејќи во претстојното финале на германскиот куп ќе игра со второлигашот Алеманија од Ахен.

Баерн сезоната ја заврши на второто место. Утеха за многу промашувања во сезоната, во која рекордерот според освоените титули во Германија остана без каков и да е трофеј, е директниот пласман во наредната Лига на Шампионите. Само, прашање е под чие стручно раководство – тренерот Хицфелд си заминува по волја на клупското раководство, посакуваниот Феликс Магат од Штутгарт може да дојде дури наредната година, а се водат преговори сепак уште во текот на летото да добие слободни раце.

Завршницата на првенството беше под знакот на Баер Леверкузен. По слабиот пролетен старт и само еден освоен бод во шест средби, уследи опоравување и фуриозен финиш. Во последното коло во директен дуел Баер совлада и Штутгарт со 2 спрема 0 и го потисна од третото место, со тоа и од позицијата која води во квалификации за Лигата на шампионите. “Минатата година се најдовме пред вратата на пеколот, а сега е достижна и Лигата на шампионите; значи – фантастично чувство”, вели менаџерот Рајнер Калмунд, потсетувајќи се на кошмарот на крајот од минатогодишната сезона, кога тимот "за влакно" избегна испаѓање од лигата.

Таа судбина, годинава, покрај од поодамна отпишаниот Келн, ги снајде и Анјтрахт до Франкфурт и Минхен 1860, кои во последното коло имаа некакви, повеќе теориски шанси за спас, но доживеаја порази.

Од занимливостите што ги донесе последното коло секако е и борбата за второто место за учество во купот на УЕФА. Покрај Штутгарт, таму ќе игра и Бохум, кој со победата над Хановер со 3 спрема 1 "го фати последниот воз", откако Борусија на гостувањето кај Кајзерслаутерн не успеа да оствари повеќе од нерешен резултат 1 спрема 1: за тимот од Дортмунд премалку, за домаќинот токму доволно за да го обезбеди опстанокот. Така, и крајот за некогашниот европски првак беше во стилот на целото првенство – мизерен.

Во идната сезона во прволигашкото друштво ќе играат Нирнберг, тимот на македонскиот интернационалец Саша Ќириќ, кој првото место во Втората лига го обезбеди неколку кола пред крајот, како и второпласираната Арминија од Билефелд. Мајнц токму во последното коло успеа да ја дограби третата позиција, пред некогашниот прволигаш Енерги од Котбус.