1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бакојани: Политиката на Груевски создава проблеми со соседите

29 јануари 2010

Интервју со поранешната министерка за надворешни работи на Грција, Дора Бакојани. Таа тврди, во Грција има луѓе кои ги зборуваат двата јазика, но со грчка свест, македонско малцинство не постои.

https://p.dw.com/p/Lj1i
Дора БакојаниФотографија: DW/Dhima

Сега кога не сте повеќе министер за надворешни работи на Грција, дали имате поинаков поглед на конфликтот меѓу Вашата земја со северниит сосед?

Не, имам исто мислење, апсолутно сум сигурна дека е потребно да се најде решение за спорот, кој им создава големи проблеми на двете земји и мислам дека ако постои политичка волја ќе можеме да го разрешеме.

Вие му поставивте прашање на вашиот актуелен премиер, г-динот Папандреу, дали забележал промени кај г-динот Груевски, но не добивте одговор. Што мислите Вие, дали постојат промени?

Засега, да бидам искрена не гледам промени, кога ги гледам изјавите на г-динот Груевски во јавноста. Не знам што тој дискутирал со Папандреу, но тоа што е јасно, е дека Грција направи многу голем напор за време на нашата влада и оваа влада продолжува да се обидува да учествува во преговорите кои се водат со г-динот Нимиц за да се најде решение за прашањето на името. Тоа е она што би било најдобро да се случи, бидејќи ние сме соседи, нашите народи живеат еден до друг, затоа е многу важно да пронајдеме взаемно прифатливо решение.

Денес се добива впечатокот дека нешто се раздвижува меѓу двете земји, дека двете страни се подготвени за да се најде решение, но што мислите Вие лично, дали не станува збор повеќе за промена во формата, но не многу и во содржината?

Слушајте, проблемите не се само прашање на форма, тоа секогаш се и содржајни прашања. Потребно е да се најде име. Тоа е многу јасно. Име кое ќе се користи за сите употреби, име „ерга омнес“. Ова е многу важно, бидејќи само на овај начин вистински ќе можеме да го разрешиме проблемот. Што значи ова? Тоа значи дека сите ќе го прифатат ова име, дека тоа не е обврска, туку дека за него сме постигнале договор. Според мене, тоа е можно и на тоа треба да работиме. Затоа Грција направи напори и се обидува да ја изоди до половина улицата...

Кога бевте министер за надворешни работи, имавте директен контакт со македонскиот министер Милошоски, дали денес не жалите што не успеавте да пронајдете решение за овај проблем?

Се разбира, сакав да се најде решение. Тоа е многу важно, бидејќи само по решението Скопје може да биде составен дел на Европската унија и НАТО. Значи тоа е целта. Целта е сите, сите соседни земји на Грција, сите балкански земји во еден момент да станат членки на ЕУ. Ние не сакаме да имаме „црна дупка“ во нашиот регион. Но, за да се изгради таа Европа, потребно е да се сфати дека националистичкото минато и иредентизмот треба да се остават на страна. Нашето лошо минато од Балканот треба да го оставиме на страна и да гледаме кон иднината. Тоа се обидував да му го објаснам на г-динот Милошоски.

Дали во еден момент за време на Вашиот мандат постоеше и се отвори прозорец за решение на спорот со името?

Не. Не мислам дека тоа беше многу тешко. Владата на г-динот Груевски многу се потпре на крајно националистичката логика, која како што знаете секогаш има добри изборни резултати. Но од друга страна, кога имаме конкретни проблеми, потребно е навистина да се има волја. Искрено кажано, таа волја не ја видов кај владата. Нашата влада, и не само владата, туку и грчките политички партии покажаа дека се подготвени да преговараат искрено.

Дали денес може да се каже дека постои разлика во политиката која ја води Грција во однос на својот северен сосед и проблемот со името во споредба со политиката на Вашата влада. И ако постои разлика, во што таа се состои?

Не мислам дека постои разлика. Знаете дека г-динот Папандреу рече дека грчката политика за ова прашање е многу јасна. Тоа е политика во која големите политички партии имаат постигнато согласност. Постои извесна „црвена линија“, како што се нарекува во политиката, која не се менува.

Дали можете да ни кажете денес за што се преговара, дали се преговара само за името на земјата или се преговара и за други нешта, бидејќи тоа е едно од големите прашања што се поставува ?

Не, преговараме само за името. Тоа е јасно.

Не се преговара за идентитетот на народот, за преименувањето на нацијата и користењето на придавката „македонски“ ?

Слушајте, се преговара за името, потребно е да се постигне согласност за името и за користењето на името. Повторувам дека тоа треба да биде „ерга омнес“ име. Многу е јасно. Македонија е многу голема, еден дел е во Поранешната Југословенска Република Македонија, другиот во нашата и уште еден дел во Бугарија, јасно е дека е потребна разлика меѓу нив. Од историска гледна точка, според нашето гледиште, историјата е многу лошо употребена. Во 2010 година не можеме да влегуваме во иредентистичката логика. Тоа не е логично, тоа не е Европа и вредностите кои сакаме да ги изградиме.

Дали сте оптимист, како некој од Вашите европски колеги, дека е можно да се најде решение многу набрзо, па дури и пред март или најдоцна до јуни, за да се деблокира зачленувањето на Македонија во НАТО и ЕУ?

Би сакала да го видам тоа. За да бидам оптимист или не, искрено да ви речам, тоа зависи од г-динот Груевски. Јасно е дека тоа е одлука која тој треба да ја донесе. Ако ја донесе и ако навистина сака да пронајдеме решение во насоката која ја напоменав, тогаш можно е решение. Но за март не можеме да зборуваме, бидејќи не гледам никакви сигнали што би ми дозволиле таков оптимизам.

Зошто не успеавте да имате многу подиректен конакт со владата на г-динот Груевски, имате иста политичка боја и заедно заседавата во семејствотот на Европските народни партии овде во Стразбур и Брисел?

Го имав видено г-динот Груевски, имав директен контакт со него и му реков дека Грција нема да го прифати влегувањето на неговата земја во НАТО. Мислам дека тој не ми поверува. Јас му објаснив и тогаш дека одлуката на НАТО е одлука на сите членки на НАТО. Грција не беше самата. Имаше многу влади кои не‘ поддржаа, бидејќи сфатија дека не можеме да бидеме сојузници и да работиме заедно во исто семејство ако не ги разрешиме проблемите од минатото.

Македонија вели дека станува збор за вето и тука е судењето во Хаг!

Имаше едногласна одлука од сите земји. Вие знаете дека тоа не ги помага преговорите и релноста ако се обидуваме да му докажеме на народот друга верзија на вистината, која не вистинската. Тоа што е апсолутно сигурно е дека Грција е членка на ЕУ и дека Грција искрено сака да го види народот на нашиот сосед да биде член на ЕУ и НАТО, но тоа значи дека е потребно да се разрешат проблемите. Во спротивно тоа нема да се случи. Тоа е многу јасно.

Дали има други проблеми меѓу двете земји, освен проблемот со името, кои се наследени од минатото?

Мислам дека ако успееме да го решиме проблемот со името, целата пропаганда за историските прашања ќе прекине, бидејќи не постојат причини. Тие се млад народ, балкански народ, народ кој има многу проблеми и кој може да има многу убава иднина. Грците се покрај него, нашите народи постојано се во контакт. Навистина вреди, двете влади да не најдат решение за ова прашање, кое не е само сентиментално. Тоа е прашање што треба да биде решено. Во спротивно остава проблеми во целиот регион.

Постои и проблемот со македонското малцинство во Грција, кое самото така се определува, што е подвлечено и од американскиот Стејт департмент и од Советот на Европа, како и прашањето на бегалците од граѓанската војна од Грција. Дали нешто ќе се промени кон нив по говорот на Папандреу, во кој зборуваше за мултиетничко и мултикултурно општетсво?

Според нас, тоа малцинство не постои во Грција. Има луѓе кои ги зборуваат двата јазици, но тоа се луѓе кои се со грчка свест и ако сакате да има малцинство, тие треба да имаат друга свест, Тие имаат грчка свест. Не верувам дека е добра идејата како таа на Груевски, ја видовте реакцијата во Бугарија и Грција, тоа не добро, Не треба да се обидуваат да создаваат проблеми таму каде што нема. Ако навистина сака да му помогне на својот народ и стабилноста во целиот регион, потребно е да гледа кон иднината и да се обиде да ги реши проблемите со соседите, без да создава други. Засега неговата политика, за што жалам, е политика која создава проблеми со соседите, земјата и така има други внатрешни проблеми, затоа не треба да се создаваат други.

Која е Вашата порака?

Единственото што би го додала е дека е потребно да се сфати дека нашите народи сакаат да живеат заедно во добрососедски односи. Ќе биде позитивно за сите ако се решат проблемите. Нема ништо што не‘ дели можеме навистина да живееме во нашиот регион и да ги гледаме младите луѓе во нашиот регион да имаат подобра иднина од нашата. Тоа е нашата цел!

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска