1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бакојани со пораки до Македонија

Борис Георгиевски14 февруари 2008

Грчката министерка за надворешни работи, Дора Бакојани, денеска (14.02.2008) во Вашингтон ќе се сретне со американската министерка Кондолиза Рајс. Главна тема на средбата е – проблемот со името.

https://p.dw.com/p/D7Mf
Дора БакојаниФотографија: Botschaft Griechenland

Шефицата на грчката дипломатија, Дора Бакојани, од Вашингтон уште еднаш се закани – Македонија не може да се надева на прием во НАТО доколку не прифати компромисно решение за името. Говорејќи во Центарот за стратегиски и меѓународни студии во Вашингтон, Бакојани рече дека од договорот за името не зависи само приемот на Македонија во НАТО, туку и во ЕУ:

„За Скопје има само еден пат до НАТО и до ЕУ, а тоа е почитување на принципот на добрососедски односи, што вклучува и заемно прифатливо решение за името. Сојузништвата и партнерствата можат да постојат меѓу земји само ако постои меѓусебна доверба и добри односи“, рече Бакојани.

Според грчката министерка, прашањето за името е прашање на регионална стабилност на Балканот. Таа рече дека Македонија е голем географски регион, од кој поголемиот дел - 50% и‘ припаѓа на Грција, а 2,5 милиони Грци се сметаат за Македонци. Грците сметаат дека нивниот идентите е нападнат од „националистичката и анахрона политика на Скопје, кои се обидуваат да ни‘ го украдат и монополизираат идентитетот, употребувајќи речник од 19 век“, тврди Бакојани.

Предвид доаѓа само сложено име

Таа потврди дека за Грција е прифатливо само сложено име, кое ќе го вклучува и географскиот термин Македонија, но ќе направи и разлика меѓу двете земји: „Не го гледаме ФИРОМ како непријател на Грција, туку како земја која се обидува да ја изгради својата европска иднина во регион кој историски е полн со проблеми. Затоа и чувствуваме одговорност кон ФИРОМ. Тие се наши соседи, тие се нова демократија, мора да изградат мултиетничка демократија и тие се земја за чија стабилност исто така се чувствуваме одговорни.“

Бакојани им упати и порака на македонскиот премиер, Никол Груевски и на шефот на дипломатијата Антонио Милошоски: „Ние не бараме од министерот Милошоски и од премиерот Груевски да интерпретираат што значи НАТО. Ние знаеме што значи НАТО, туку од нив бараме да се придржуваат до сопствените обврски и со посредништво на ОН да бараат решение за името со Грција.“