1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканско медиумско соседство

Марина Максимовиќ/ Симе Недевски6 декември 2013

Слободата на медиумите и квалитетот на демократијата се меѓусебно поврзани- исто како што се поврзани соседите на Балканот. Но слободата на медиумите назадува, како на Балканот, така и во ЕУ.

https://p.dw.com/p/1ATpA
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Не се случува често директорите и уредниците на јавните медиумски сервиси на државите од просторите на поранешна Југославија да се најдат на едно место. „Поради различни причини последните 15-20 години не се среќававме за да развиеме заеднички проекти“, вели Оливера Додиг, вршител на должноста директор на Телевизија Босна и Херцеговина која, со шестмина свои колеги од телевизиските центри од Македонија, Србија, Хрватска, Црна Гора, Република Српска и Косово, во Европскиот парламент учествуваше во дебатата за медиумската слика и соработка на Западен Балкан.
Повод европските парламентарци да ги соберат претставниците на балканските медиуми и невладини сектори во Брисел беше претставувањето на проектот Центар за демократија и помирување во југоисточна Европа „Опкружување“ или, како што би го превеле авторите на локален јазик, соседство. Станува збор за една од ретките емисии во која регионалните експерти се занимаваат со регионални теми и која може да се гледа на подрачјето на цела поранешна Југославија. И додека во Европскиот парламент политичарите се занимаваа со оценката за состојбата на медиумите на Балкан, но и во ЕУ, уредниците размислуваа за соработка.
„Јавниот сервис БХРТ е многу заинтересиран за сѐ што се случува и тоа не само, како што велат во Босна, ’во нашата авлија““, вели за ДВ Оливера Додиг од БиХ Телевизија. „Позитивна е љубопитноста да ѕирнете преку туѓа ограда и да видите особено нешто навистина добро. Живееме во слични или речиси слични услови во регионот и зошто тогаш да не се препише некој добар рецепт. Добро се разбираме и кој ќе ви помогне најдобро ако не оној кој живее во исти услови?“

Симптоми, дијагноза и лечење на медиумскиот сектор

Во Брисел често може да се слушне дека земјите од Западен Балкан имаат иста „болка“ кога се во прашање медиумите. Европската комисија со години наназад во своите препораки особено инсистира на слободата на изразување и реформи во медиумскиот сектор во земјите во процес на проширување. Во Европскиот парламент можат да се слушнат критики оти слободата на медиумите на Балканот назадува, односно дека се наоѓа „онаму каде што била пред 10 години“, но и оценка дека и земјите од ЕУ не се имуни на комерцијализација и политизација во медиумскиот сектор.
Дека новинарството во југоисточна Европа има и дополнителна причина да „биде болно“, констатираше белградскиот новинар и сатиричар Војислав Жанетиќ и како причини ги наведе годините на државна и партиска пропаганда, потоа десет години воена и потоа две децении транзициска пропаганда. Како лек против „селебризмот, политичката и општествена жолта грозница и синдромот на реални-шоуа“, Жанетиќ на медиумскиот сектор на Балканот му препишува вистина, време и доверба.
„Поради кризата, луѓето се окупирани со разни животни проблеми, но мислам дека непретенциозноста, леснотијата и добрината имаат перспектива“, вели за ДВ вршителот на должноста генерален директор на Радиотелевизија Србија, Никола Мирков: „Мало враќање кон малите-големи работи, воздигнување на смисолот и надминување на она што од сите страни не‘ гази.“

Беше еднаш еден стар балкански код

Стандардите и вредностите, но и соработката и различноста, се начини до граѓаните да дојдат квалитетни информации и медиумскиот сектор позитивно да приионесе за развој на општеството во Европа. Слободата на медиумите и квалитетот на демократијата меѓусебно се зависни и поврзани, исто како и соседството.
„Сите ние сме подложни на промени во општеството, без разлика дали сме влегле во ЕУ или не“, вели за ДВ Власта Бартолец, уредничка на програмата на Радиотелевизија Хрватска. „Фондовите ни се сега малку поотворени и со самото тоа новинарството ќе има техничка поддршка. Но тоа нема ништо да смени во нашите глави и во нашето новинарство. Ние сме тие кои мораме да бидеме одговорни и понатаму. Секој од нас е во некоја своја транзициска приказна, и тоа не‘ кочи.“
И додека Бартолец вели дека гледачите на ХРТ се радуваат кога преку емисииите на Дојче веле можат да стекнат увид во различни случувања, Оливера Додиг од ТВ БиХ смета дека и Европа има што да научи од балканските медиуми: „Нам ни недостасуваше само малку да се вратиме на оној стар код кој го имавме некогаш, кој не е заборавен, туку е само некаде задушен. И многу дисонантни тонови кои не спречуваат можеби да испуштиме и некој крик “

Balkan Medien Konferenz in Brüssel 04.12.2013 Olivera Dodig
Оливера Додиг, вршител на должноста директор на Телевизија Босна и ХерцеговинаФотографија: DW/M. Maksimovic