1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балкан е срцето на Европа

11 април 2011

Од 12 до 17 април во Париз ќе се одржи првото издание на Филмскиот фестивал на Југоисточна Европа, „Сиа Пари“, во организација на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк.

https://p.dw.com/p/10qYp
Филмовите од Југоисточна Европа пред париската публика
Филмовите од Југоисточна Европа пред париската публикаФотографија: picture-alliance / dpa

На фестивалот во конкуренција за награда ќе бидат прикажани 10 играни филмови, 12 документарни, 7 анимирани и 5 кратки играни филмови од дванаесет земји од Југоисточна Европа, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово, Македонија, Бугарија, Грција, Романија и Турција. Во Париз пред тамошната публика фестивалот ќе го претстави неговиот претседател и основач Јордан Плевнеш, познатиот француски режисер Ив Боасе и професорот Драган Милинковиќ-Фимон од Србија.

Frankreich Panorama über Paris gesehen von Notre Dame
Фотографија: Fotolia/Jose Ignacio Soto

„Идејата на овој фестивал во Париз, Југоисточна Европа во Париз Сиа Пари произлезе од искуствата на културните комуникации во Европа последниве неколку години, бидејќи голем број културни настани од земјите од Југоисточна Европа не добиваат задоволително ехо во западните европски престолнина. Затоа јас решив филмските и други уметнички дела на 12 земји од Југоисточна Европа да ги претставам токму преку овој нов фестивал во Париз, во срцето на Европа, изјави за Дојче веле, Јордан Плевнеш, идејниот творец на фестивалот и основач на Универзитетот ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк.

„Мислам дека овој фестивал ќе придонесе за тоа толку барано единство, бидејќи во геслото на фестивалот е познатата реченица на мојот голем пријател, швајцарскиот писател Никола Бувие кој ќе рече дека Балканот е срцето на Европа. А исто така во тоа мото на нашиот фестивал ќе стои реченицата на таткото на Европа Жан Моне, ако треба Европа повторно да се гради, ќе требаше да започнеме од културата. Ние сега со овој чин всушност започнуваме нова епоха на европското културно единство‘‘.

Прозорец на Југоисточна Европа кон европските престолнини

Самиот фестивал ќе претставува еден историски новум бидејќи не се доволни ангажирањата на националните држави на земјите од Југоисточна Европа за афирмација на културата на европски и на интернационален план. Во овие времиња на голема историска димензија на отуѓување, на дехуманизиран свет, културата почнува да се чувствува како сираче во европската реалност, смета Плевнеш и појаснува. „И мислам дека тој чин на ентузијазам што ние го пробудивме со овој фестивал во голем број на земји со добивањето на над 120 предлози за играни филмови, околу 130 документарни и анимирани и кратки филмови, голем број на книжевни предлози, голем број на предлози за музички содржини. Значи овој прозорец на Југоисточна Европа кон европските престолнини ќе биде превземан и во Париз и во Брисел и во Берлин и во Лондон‘‘.

Европеизација на Балканот и градење на разрушените мостови

Јордан Плевнеш
Јордан ПлевнешФотографија: DW

„Фестивалот треба да придонесе во градење на разрушените мостови на европското духовно единство и затоа има круцијално значење во перспектива на европеизација на Балканот од една страна и надминување на сите тензии што владеле во последниве децении по катастрофалните воени конфликти. И дека таа европеизација ќе го добие своето ехо во другиот дел на Европа каде што жедта за откривање на таа нова културна димензија на непознатите духовни вредности од Југоисточна Европа ќе биде задоволена со откривањето на голем број на нови имиња‘‘, смета Плевнеш.

На 12 април фестивалот Сиа Пири ќе биде отворен со големиот омаж на српскиот актер Мики Манојловиќ, еден од најголемите актери на овој простор, а кој во последниве две години играл во осум држави од Југоисточна Европа.

Почесен гостин на фестивалот ќе биде Црна Гора

На фестивалот во конкуренција ќе бидат прикажани 10 играни филмови,12 документарни, 7 анимирани и 5 кратки играни филмови.

На фестивалот ќе бидат доделени наградите за најдобар филм, најдобра машка и женска улога, најдобро сценарио, музика и најдобар документарен, анимиран и краток филм. На фестивалот секоја година ќе има по еден почесен гостин од земјите на Југоисточна Европа. Така годинава почесен гостин ќе биде Црна Гора и нејзиниот најзначаен филмски фестивал од Херцег Нови, Монтенегро Филм Фестивал, кој во текот на шесте фестивалски дена ќе ги презентира културата,традицијата и убавините на Црна Гора.

Автор Антоанела Димитриевска

Редактор: Трајче Тосев