1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бангладеш: Работниците бараат смртна казна за фабрикантот

ЖА/дв/дпа/афп1 мај 2013

Дури сега стануваат јасни размерите на катастрофата: при паѓањето на повеќекатница во Бангладеш загинале повеќе од 500 луѓе. Сопственикот е пред суд, демонстрантите бараат негова смрт.

https://p.dw.com/p/18Q3T
Фотографија: AFP/Getty Images

На 1,мај, Денот на трудот, зовре бесот поради уривањето на фабричка зграда во Бангладеш: десетици илјади работници излегоа денеска на улиците на престолнината Дака, на барајќи смрт на сопственикот на фабриката.

„Обесете ги убијците, обесете ги сопствениците на фабриките“, извикува масата, развиорувајќи црвени знамиња. Работниците се револтирани од „убиството“ на нивните колеги, истакнува Камрул Анам, еден од раководителите на синдикатот на текстилците:

„Сакаме најстрога можна казна за одговорните за оваа трагедија“.

Билансот на загинатите при уривањето на повеќекатницата во Бангладеш, што се случи минатата недела достигна 500 лица, откако спасувачките екипи вчера извадија уште тела од под урнатините.

Осум дена по трагедијата, која се случи во осумкатницата во градот Севар, во близина на главниот град Дака, се‘ уште како исчезнати се водат 149 лица, а од под урнатините се извадени телата на 413 работници. Зградата, во која беа сместени тесктилни фабрики се урна на 24 април. Повеќе од 2.400 лица беа ранети во уривањето на зградата, во која освен текстилни фабрики имало и банка и продавници.

Bangladesch Rana Plaza Einsturz 27.04.2013
Под урнатините на зградата смрт најдоа стотици луѓеФотографија: MUNIR UZ ZAMAN/AFP/Getty Images

Работниците тврдат дека пред денот на несреќата биле откриени пукнатини на зградата, поради што таа била евакуирана, но менаџерите ги присилиле работниците да се вратат во зградата.

Многу од 4.500 текстилни фабрики во Бангладеш се затворени од минатата среда, во знак на протест поради недоволните безбедносни и лошите работни услови. За текстилната индустрија, која е најважната стопанска гранка во земјата, ова е тежок удар. Премиерката Шеик Хасина во парламентот ги критикуваше нападите врз фабриките, повикувајќи ги работниците да се вратат на работните места и да задржат „ладна глава“, зашто инаку ризикуваат губење на работата.

ЕУ во меѓувреме изрази загриженост поради работните услови во јужноазиската земја. Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Кетрин Ештон и еврокомесарот за трговија, Карел Гухт, побараа преку соопштение од владата во Бангладеш итно да се погрижи за придржување кон меѓународните стандарди во фабриките.

ЕУ, најголемиот тргoвски партнер на Бангладеш, ја понуди и својата помош при примената на стандардите.