1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Банкротот на Грција одложен до есен?

22 февруари 2012

Експертите се единствени во ставот дека на Грција не и‘ е доволен ниту вториот пакет помош. Она што недостига е убедлив бизнис-модел со перспективи на пораст.

https://p.dw.com/p/147Uj
Фотографија: picture-alliance/dpa

Економистите сметаат дека Грција и по вториот пакет помош не е во состојба да излезе од должничката стапица без помош. „Планот за радикална санација на Грција со еврото е илузорна“, вели шефот на минхенскиот Ифо-институт за економски истражувања, Ханс-Вернер Зин, кој веќе долго пледира за излегување на Грција од евро-клубот.

Голем број економски стручњаци сметаат дека порано или подоцна ќе биде неопходно поголемо отпишување долгови. „Секому му е јасно дека сегашниот пакет не е доволен“, нагласува финансискиот експерт Ансгар Белке од Универзитетот Дуизбург-Есен. „Се работи само на купување време. Тројката, составена од ЕК, ЕЦБ и ММФ, во интерни документи проценува дека Грција и за осум години нема да може без поддршка.“

Symbolbild Euro Münze
Фотографија: picture-alliance/dpa

Интерните документи предупредуваат

За голем број експерти клучен е досегашниот недоволен економски развој во Грција. Се‘ додека земјата мора да штеди, економијата нема да може да се опорави. Во интерна анализа за долговите, чии делови на интернет објави „Фајненшл Тајмс“, Тројката предупредува и од натамошно продлабочување на рецесијата. Доколку и натаму се одлагаат неопходните реформи и приватизација, тогаш вкупното задолжување на Атина за осум години се‘ уште би изнесувало околу 160 проценти.

„Останува опасноста Грција да се најде во економска депресија, да влезе во несолвентност и да мора да излезе од моенетарната унија“, пишува економистот Кристијан Шулц од Беренберг Банка во една анализа на оваа тема. За да се зголемат шансите за спас, тежиштето на напорите би морало да се помести од штедење кон структурни реформи.

Griechenland Symbolbild Aufkleber Richtung
Фотографија: dapd

Затворање на славината?

Ист е ставот и на Јерг Кремер, шеф-економ на Комерцбанк. „Нашите пресметки покажуваат дека Грција не може самата на долг рок да има значително намалени долгови, без да се спроведат длабоки реформи. Во втората половина на годината расте веројатноста од тоа фрустрираната меѓународна заедница да и‘ ја затвори славината на Грција.“

Освен тоа, голем број експерти се прашуваат што се добива со намалувањето на долговите на Грција од сегашните 160 на 120 проценти. „Според Мастришкиот договор, дозволени се долгови од 60 проценти“, вели Ансгар Белке за Дојче веле. „Не постои економско објаснување зошто нивото на долгови треба да биде точно 120 проценти.“ Според него, за едно стопанство е многу поважно да расте, за да може да ги враќа долговите и да плаќа камати. „Тоа во Грција е слабата точка.“

Автор: Ролф Венкел / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска