1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Банкрот Грци“ и „корумпирани“ Германци

20 февруари 2012

Тест за традиционално добрите германско-грчки односи - Атина гледа зачудено кон текстовите во германските булеварски весници, а дел од грчките медиуми пак, „држат рамнотежа“ со клишеата за Германците.

https://p.dw.com/p/145xd
Фотографија: dapd

Никос Диму е маркетинг стручњак, уредник, публицист и внимава со какви зборови се служи. Паушални изјави за „мрзеливи Грци кои одат во пензија на 50-годишна возраст“ не сака да слуша, исто како што не сака да ги слуша и исклучително критичките забелешки на германскиот министер за финансии. Тој смета дека двете нации, Германците и Грците, се однесуваат лошо во должничката криза.

„Грците тендираат да обвинуваат други, надвор од земјата, за она што се случува“, вели тој. „Кога бев дете тоа беа Англичаните, потоа беа Американците, сега се Германците.“ Покрај недоволната самокритичност, тој ги критикува и наивните теоретичари кои веруваат во заговор: „Некои тврдат дека кризата е инсценирана за Грција еден ден да биде купена евтино.“

„Од среден век директно во ново доба“

Ваквите ставови му донесоа на Диму имиџ на „домашен предавник“. Во неговите збирки со афоризми „За несреќата да се биде Грк“, станува збор за идентитетот на неговата земја. Грците, вели тој, не доживеале ништо од она што ја има направено Западна Европа онаква каква што е денес: „Не доживеале ренесанса, немаат граѓанска класа, не доживеале реформација, ни просветителство, ни француска револуција. Со ослободителната војна во 1821 година тие директно се катапултирани од средниот век во новото доба. Ото фон Бајерн дошол со своите советници во Грција за од нејзе да направи европска земја.“ Сепак, Диму бара разбирање: „Пред да се критикува, треба да се разбере дека за Грците е релативно нова рационалната организација на општеството. Гледам дека помладите генерации размислуваат многу порационално отколку мојата генерација. Се‘ ќе се промени, но тоа нема да се случи од денес до утре.“

Сивата економија на грчката елита

Symbolbild Finanzkrise Griechenland
Од кризата што ја создадоа елитите, страдаат чесните луѓе, вели ГеоргиадуФотографија: DW/AP

Промена што за некои оди пребавно. Грчките коментатори критикуваат дека во моментов не се важни талентот и учинокот, туку пред се‘ потеклото и врските. Од ваквата „феудална“ сива економија, меѓутоа, профитираат елитите, систем што се репродуцира самиот. Затоа, Васили Георгиаду, политиколог на универзитетот Пантеон во Атина, има целосно разбирање за критиката на Волфганг Шојбле на сметка на политичката класа во Грција. „Да, тој е во право. Но, германските граѓани и даночни обврзници мора да знаат и дека милиони Грци работат чесно и плаќаат данок, и тоа голем дел од грчката средна класа.“ Затоа, за оние надвор е важно да ја диференцираат својата критика на грчките прилики и односи и да прават разлика меѓу „чесните луѓе, кои најмногу страдаат од кризата и елитите во земјата кои треба да одговараат за нејзе.“

Алиби и самокритика

Deutschland Finanzminister Wolfgang Schäuble zu Finanzkrise Griechenland
Волфганг Шојбле, германски министер за финансииФотографија: dapd

Василики Георгиаду е загрижена поради растечките критики меѓу Грција и Германија. Поради тоа што во последните години дел од германските фирми, пред се‘ Сименс, беа осомничени за учество во афери со поткуп, Германија во грчкиот печат е обвинета за корупција. Минатиот април дури, тогашниот министер за правда Харис Кастанидис изјави дека германските претпријатија се „светски прваци во корупција“. И Никос Диму и Василики Георгиаду ваквите предрасуди ги сметаат за стратешки маневар на „бегање“. Конечно, корупција во Германија нема само затоа што една германска фирма придонесла за тоа, „туку пред се‘ затоа што политичкиот, а можеби и економскиот систем на земјата, се одржуваат во живот благодарение на корупцијата“, вели Георгиаду. „Ваквите обвинувања се само алиби за да не мора да се занимаваме со прашањето дали можеби и самите сме направиле грешки.“

Дел од Грците меѓутоа најновите тензии ги гледаат со хумор. Карикатуристот на дневниот весник „Катимерини“ без историски стереотипи предлага како да се реши кризата. Неговата најнова карикатура ги прикажува германската канцеларка Ангела Меркел и министерот Волфганг Шојбле кои беспомошно гледаат кон фудбалскиот тренер Ото Рехагел. „Мора да ни‘ помогнете“, вели министерот за финансии, „Вие сте единствениот кој Грците би го прифатиле како комесар за штедење...“

Автор: Јанис Пападимитру / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска