1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бан: Атомското оружје не е играчка

АТ/ дпа/ афп/ ртр5 април 2013

Генералниот секратар на ОН Бан Ки Мун ја повика Северна Кореја да го смени курсот во конфликтот со Јужна Кореја и САД. Северна Кореја се’ повеќе запаѓа во меѓународна изолација.

https://p.dw.com/p/18AKa
Фотографија: AFP/Getty Images

Доколку биде неопходно Јужна Кореја е подготвена на евакуација на работниците од заедничката економска зона поради спорот со Северна Кореја. „Доколку ситуацијата го бара тоа подготвени сме да ги повлечеме јужнокорејските работници за да ја гарантираме нивна безбедност“, изјави денеска министерот за повторно обединување Рио Кил Је. Но, за тоа немало непосредни планови. „Во моментов не сме на мислење дека постои опасност“. Вчера во индустриската зона Кесон имаше уште 608 јужнокорејски работници.

САД во конфликтот со Северна Кореја според сопствени наводи ги презеле „сите неопходни превентивни мерки“. Портпаролот на американскиот претседател Џеј Карни истовремено заканите со војна од страна на Северна Кореја ги означи како „познати шеми на однесување“ на раководството во Пјонгјанг.

Генералштабот на северно корејската Народна партија претходно соопшти дека официјално било дадено зелено светло за атомски напад врз САД. Американската влада во Вашингтон упати барање до Пјонгјанг да запре со воената реторика. Со оглед на константните закани Пентагон најави стационирање на систем за против ракетна одбрана на американскиот остров на Пацификот Гуам.

Nordkorea erklärt Kriegszustand
Агресивна воена реторика на северна КорејаФотографија: picture-alliance/dpa

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун по средбата со шпанскиот премиер Маријано Рахој предупреди од опасноста, конфликтот на кореанскиот полуостров да излезе од контрола. „Работите отидоа предалеку“, изјави Бан и дополни: „Загрижен сум бидејќи секоја грешка и секоја погрешна проценка можат во сегашната состојба на Кореанскиот Полустров да предизвикаат криза, која би можела да има особено тешки последици“. Сите страни треба да придонесат за намалување на затегнатоста, опомена Бан.

„Атомското оружје не е играчка“, заклучи Бан при посетата на Мадрид.

Ракети со ограничен домет

Експертите сметаат дека Северна Кореја во моментов не е во состојба да го нападне американското копно. Пјонгјанг се заканува и со напади врз Гуам и Хаваи како и Јужна Кореја и Јапонија, каде се стационирани дестици американски војници.

Поради ваквата агресивна воена реторика и атомското вооружување Северна Кореја запаѓа во се’ поголема изолација дури и кај нејзините последни сојузници. Однесувањето на севернокорејското раководство исто така не нуди можност за обновување на шестпартитните преговори, појасни руското министерство за надворешни работи.

Кина изминатите денови невообичаено жестоко ја критикуваше Северна Кореја и побара крај на провокативните чекори од полуостровот.